Беличанец-Алексиќ се сретна со жителите на Црниче и Пржино

Нетпрес

08/10/2013

10:43

1.880

Големина на фонт

а а а

Градоначалничката на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ, заедно со дел од општинскиот раководен тим и претставници од јавните претпријатија на Градот Скопје вчеравечер реализираа работна средба со жителите на урбаните заедници Црниче и Пржино.

Таа во обраќањето ги наведе реализираните градежни работи во Црниче од страна на локалната самоуправа во изминатиот период, а направи и јасна дистинкција на надлежностите на локалната самоуправа и Градот Скопје, односно јавните претпријатија во состав на Градот и порача дека граѓаните можат да поставуваат прашања кои се во надлежност на градот, на присутните претставници од јавните претпријатија.

Граѓаните од Црниче изразија задоволство за реконструкцијата на кошаркарското игралиште на улицата “Баница”, за новите детски реквизити и урбана опрема на постојното детско игралиште на улицата “Партение Зографски”, за поставувањето на сферните огледала на улиците “Востаничка” и “Црниче” со кои се подобрува безбедноста во сообраќајот, а ја поздравија и големата акција за санирање на дупките во оваа урбана заедница. Истовремено, граѓаните пројавија интерес и за идните проекти на општината во оваа урбана заедница.

Раководителот на секторот за комунални работи во општината, Мирјана Јорданова, ги информираше присутните граѓани дека е изготвена проектно-техничка документација за изградба на канализација на улицата “Жванска”, а во следниот период ја најави изградбата и на нови пешачки скали на неколку локации во тој реон, како и реконструкција на тротоарите на улицата “Христо Узунов”.

Беличанец-Алексиќ се надоврза со информацијата дека во следниот период ќе следи и реконструкција на подрачното училиште “Кузман Јосифовски – Питу” и преадаптација на дел од ова училиште во градинка.

Дополнително, градоначалникот ги информираше граѓаните дека во насока на зголемување на безбедноста во сообрачајот, општината изготви сообраќаен проект, кој во моментов е во Градот Скопје на одобрување и со кој е предвидено поставување на нови сообраќајни знаци, едносмерни улици и кружни токови, а се размислува и за поставување на знаци со кои ќе се ограничи и брзината на моторните возила за одредени сервисни улици.

Граѓаните од оваа населба се пожалија и на проблемот со несовесното паркирање на дел од жителите, а поставија прашања и до директорот ЈСП-Скопје за повторно воведување на автобуската линија со број 6, која го поврзуваше ова населено место со Ѓорче Петров, на што добија одговор дека веќе во следниот период ЈСП-Скопје ќе пушти пробна линија на оваа релација.

Слични барања и сугестии имаа и жителите на Пржино.

Тие се заблагодарија на градоначалникот за асфалтирањето на улиците “Мегленска” и првиот крак на улицата “Пржино” и за новото детско игралиште на улицата “Кавалска”. Од друга страна, жителите на Пржино слично како и жителите на Црниче побараа воведување на автобуската линија со број 6, а се пожалија и на прекопите кои ги вршат јавните претпријатија, а кои потоа не се враќаат во првобитната состојба.

Беличанец-Алексиќ потсети дека Општина Кисела Вода во моментов ја изведува најголемата акција за санирање на ударни дупки, со која се опфатени дупките на сите сервисни улици во општината и која досега ја чини општината 10 милиони денари. Истовремено, таа потенцираше дека јавните претпријатија се должни по завршувањето на градежните работи за подобрување на мрежата, да ја вратат улицата во првобитната состојба, односно да ги затворат прекопите.

Таа ги информираше присутните дека општината издвои 2,5 милиони денари за реконструкција на покривот на градинката “8-ми Март”, а ја најави и изградбата на канализација на улицата “Зеленгора”, како и изградба на пешачката патека од улицата “Кавалска” кон улицата “Мариовска” и реконструкција на тротоари на неколку сервисни улици.

Во делот на урбаното планирање, градоначалникот ги информираше жителите на Црниче и Пржино дека новиот детален урбанистички план, кој ќе ја опфати површината на овие две урбани заедници ќе се носи на транспарентен начин и во дослух со граѓаните.

„Предлог ДУП-от за овие населени места ќе биде изложен на јавна анкета и подолго од законски нормираното, со единствена цел: овие две населби да го рефлектираат и потврдат приматот на градски и урбани населби”, резимираше градоначалникот Беличанец-Алексиќ.

Посетите на месните и урбани заедници ќе продолжат следната работна седмица, кога согласно агендата, градоначалникот со својот тим ќе ги посети месните заедници Пинтија и село Драчево.


Спонзорирани линкови

Маркетинг