Видео на кое се гледа како странски државјани ловат дивокози на македонските планини, а потоа собираат и пијат крв од едно од убиените животни, предизвика реакции во јавноста и повторно го отвори прашањето за заштитата и управувањето со Националниот парк „Маврово“. На снимката се забележува и возило со ознаки на националниот парк кое ги придружувало ловците.
Станува збор за видеото насловено „Лов на дивокози од светска класа во планините на Македонија“ и објавено на јутјуб-каналот „Ловечките авантури на Педро Ампуеро“, на кој се гледаат неколку ловци со пушки со оптички нишан како ловат дивокози, а потоа, во продолжението на филмот, кој трае околу половина час, следуваат кадри како тие собираат крв од убиена дивокоза, полнат термос со неа и потоа ја пијат.
Понатаму во него се наведени карактеристиките на балканската дивокоза, за која се вели дека е еден од најзначајните планински видови во Европа. Еден момент од видеото укажува дека тоа е снимено во Националниот парк „Маврово“, бидејќи странските ловци се придружувани од возило со ознаки на јавната установа.
Граѓанската организација „Еко-свест“ реагираше дека случајот укажува на поширок проблем со статусот на Националниот парк „Маврово“. Оттаму посочуваат дека паркот е единствениот национален парк во земјава што сè уште не е репрогласен со нов закон и нема План за управување, поради што, според организацијата, се наоѓа во правен вакуум.

Од „Еко-свест“ тврдат дека во паркот во меѓувреме се одвиваат активности како комерцијален лов и сеча, а укажуваат и на проектите за мали хидроелектрани. Организацијата, заедно со други граѓански организации, бара од Владата и Министерството за животна средина итно да ја продолжат постапката за репрогласување на НП Маврово. „Пред две години е подготвена нова Студија за ревалоризација, која го утврди зонирањето и беше прифатена и потврдена од експерти, локалните власти, населението, но бидејќи не ја прифаќа сегашната управа на паркот, процесот е закочен. Бараме да продолжи административната процедура, да се усвои Студијата и нацрт законот да се стави на јавни консултации и конечно паркот да добие правна заштита. Бараме дотогаш да се прогласи мораториум за активности кои не се во согласност со заштитата на природата“, изјави Ана Чоловиќ -Лешоска од „Еко-свест“, пренесе „Слободен печат“.
Исто така екологистите посочуваат дека активностите како ловење во национален парк се забранети, бидејќи тука живеат повеќе заштитени видови, меѓу кои и балканскиот рис, кој со педесетина единки спаѓа меѓу најзагрозените животни пред истребување.
Од друга страна, директорот на Националниот парк „Маврово“, Харис Ибраими, за „360 степени“ рекол дека во конкретниот случај не станува збор за редовен комерцијален лов, туку за санитарен отстрел во рамки на Програмата за одгледувачки мерки, која, според него, ја одобруваат Министерството за животна средина и Министерството за земјоделство. Целта, како што објаснув, е следење на здравствената состојба на дивиот свет во паркот.

Според Ибраими, отстрелот се врши само откако ќе биде одобрен определен број животни, а потоа може да се пријават домашни или странски ловни друштва. Тој вели дека странските ловци од видеото биле членови на шпанско ловно друштво и дека при вакви активности задолжително се придружувани од претставници на националниот парк. Примероци од отстреланиот дивеч, според него, се испраќаат и на проверки во ветеринарни институти.
















