Мирно на "Таксим" по бурната ноќ

Нетпрес

12/06/2013

10:07

3.267

Големина на фонт

а а а

По 20 часа на судири меѓу демонстрантите и полицијата на централниот плоштад „Таксим“ во Истанбул во раните часови од денот е мирно, јавува „Франс прес“.

Околу три часот по полноќ полицијата ги истрелала последните гранати со солзавец кон демонстрантите. Градските служби почнале да го расчистуваат плоштадот.

Под Споменикот на независноста почиваат неколку полициски екипи. Блиндираните возила на полицијата се паркирани пред културниот центар „Ататурк“.

Во текот на ноќта имаше сериозни судири меѓу полицијата и демонстрантите. Минатата ноќ полицијата искористи солзавец, водени топови и гумени куршуми за да ги растераат демонстрантите.

Волонтери им помагаат на десетиците повредени да стигнат до Итната помош, јавува Асошиејтед прес.

Во раните утрински часови безбедносните сили го опколија паркот „Гези“ каде се наоѓа кампот на демонстрантите и повторно ги нападнаа со солзавец.



Дел од учесниците во протестот избегаа, но откако полицијата се повлече, повторно се вратија.

Кампот со шатори во паркот „Гези“ стана симбол на протестите. Наспроти првичните уверувања од градоначалникот на Истанбул и на полицијата дека демонстрантите само ќе бидат отстранети од плоштадот „Таксим“, синоќа стана јасно дека властите заземаат построг став. Градоначалникот Хусеин Авни Мултлу предупреди, дека сите, кои ќе останат во паркот се изложуваат на ризик, затоа што реонот ќе биде исчистен, од како што вели тој, „маргиналните групи“.

Во Анкара полицијата исто така ги растури демонстрациите во знак на поддршка на протестите во Истанбул, на кои се скандираа повици за оставка на владата.

Се очекува денеска премиерот Реџеп Таип Ердоган да се сретне со лидерите на протестот, но една од главните групи, која стои зад кампањата за спас на паркот „Гези“ – „Платформа за солидарност со ’Таксим’“ изјави дека не била поканета на средбата, но дури и да била немало да присуствува, затоа што не може да има дијалог покрај продолжувањето на насилството, јавува Ројтерс.


Спонзорирани линкови

Маркетинг