Утре снег, па силен студ – во среда температурите ќе паднат до минус 18 степени

Макфакс

28/11/2026

19:50

250

Големина на фонт

а а а

Од утре се очекува снег низ поголем дел од земјава, а со тоа следуваат многу студени денови со температури кои во среда ќе паѓаат и до минус 18 степени, согласно последното жолто предупредување од УХМР.

Зимата ќе покаже заби уште од утре. Снег се очекува во поголем дел од земјава, а потоа следуваат студени денови со температури кои во среда наутро ќе се спуштат и до минус 18 степени.

УХМР издаде жолто предупредување за снег за утре, недела (29 ноември). Времето ќе биде облачно, со повремени локални врнежи претежно од снег. Во пониските места долж Повардарието ќе врне дожд и снег, а кон крајот на денот врнежите ќе престанат. Ќе дува умерен северен ветер, кој повремено ќе засилува, особено долж Повардарието.

Во Скопје се очекува снег, при утринска температура околу нулата и дневна до три степени. Постудено ќе биде во Тетово и Маврово, каде и дневните температури ќе останат под нулата. Највисока температура се очекува во Гевгелија, до шест степени.

Но, снегот ќе биде само вовед во она што следува. Новата работна седмица ќе донесе стабилно, но многу студено време. Утринските температури речиси насекаде ќе бидат под нулата, а на некои места ќе има и магла.

Во понеделник ќе има променлива облачност со сончеви периоди, но утрото ќе биде студено, со температури до минус седум степени. Во вторник студот дополнително ќе се засили, а на места термометрите ќе покажат и минус 16 степени.

Најстудено ќе биде во среда наутро, кога минималните температури ќе се движат од минус 18 до минус шест степени. Преку ден ќе преовладува сончево време, но температурите ќе останат ниски – од нула до шест степени.

Студените утра ќе продолжат и во четврток и петок, со минимални температури до минус 13, односно минус 12 степени.