Во Швајцарија започнува исплатата на 13-та пензија, богатите најавуваат донации: „Богат сум, не ми се потребни дополнителни пари“

Точка

28/11/2026

16:15

487

Големина на фонт

а а а

Во Швајцарија во декември за првпат започнува исплатата на 13-та AHV (старосна и семејна) пензија, од која корист ќе имаат стотици илјади пензионери ширум земјата.

Само во првата година за оваа намена ќе бидат исплатени повеќе од 4 милијарди швајцарски франци, но со оглед на тоа што на сите корисници не им се неопходни овие дополнителни средства, веќе се отпочнати иницијативи за нивно донирање.

Членката на Сојузниот совет, Елизабет Бауме-Шнајдер (62), претходно во едно интервју изјави дека веројатно еден ден ќе го донира својот додаток, а слично размислуваат и бројни познати личности во Швајцарија.


Претприемачот и поранешен олимписки шампион во боб, Хаузи Лојтенегер (85), истакна дека дополнителните средства не му се потребни.

„Тринаесетта исплата на AHV? Тоа е новост за мене. Многу сум богат и не ми се потребни дополнителни пари“, порачал Лојтенегер од својата вила на Гран Канарија.

Тој додал дека веќе ја донира целата своја редовна пензија.

„Познавам многу луѓе во Швајцарија кои немале среќа во животот и сакам да им помогнам, а особено ми се блиски вработените во мојата компанија“, истакна тој.


Сличен став има и легендата на уметничкото лизгање Дениз Билман, која во декември го прославува својот 64-ти роденден и оваа година официјално заминува во пензија, иако и понатаму секојдневно е активна на мразот како тренерка и учесничка во ревијални настапи.

„Среќна сум што можам да добијам нешто без да морам дополнително да направам нешто за возврат. Ако работите напорно, треба да можете да го одржите својот животен стандард“, изјави Билман, нагласувајќи дека за време на спортската кариера заработила доволно и дека дополнителните пари не ѝ се потребни ниту за одмори ниту за луксуз.

Со цел средствата на оние на кои не им е потребна дополнителната пензија да бидат насочени кон најзагрозените, во Швајцарија се отпочнати неколку хуманитарни иницијативи.


Фондацијата „13plus“ ги повикува граѓаните да го донираат својот додаток за борба против сиромаштијата кај постарите лица, а собраните средства рамномерно ќе ги распределува на организациите „Pro Senectute“, „Caritas“ и „Winterhilfe“.

Истовремено, новооснованата фондација „Chance 13“ собира средства за поддршка на постарите и младите преку организациите „Pro Senectute“ и „Pro Juventute“, додека иницијативата „Базелски договор на генерациите“ поттикнува солидарност и прераспределба на средствата од постарите генерации кон младите.