Украина планира нов сериозен напад за целосно уништување на Кримскиот мост, кој е клучна врска меѓу Русија и окупираниот Крим. Нападите користат ракети „Нептун“ и имаат за цел да го онеспособат мостот за снабдување на руските сили на полуостровот.
Украина планира целосно да го урне Кримскиот мост, а претседателот Володимир Зеленски им наредил на воените команданти да се погрижат преостанатиот дел од мостот целосно да биде онеспособен, тврдат воени извори за британскиот „Телеграф“.
На 18 ноември украински беспилотни летала и крстосувачки ракети го погодија мостот што го поврзува окупираниот Крим со Русија. Во нападот се урна дел од четирилентниот пат и потпорен лак во Керченскиот теснец, со што значително е отежнато снабдувањето на руските сили на полуостровот. Според украинското воено разузнавање, ракетите „Нептун“ тешко ја оштетиле и железничката конструкција.
„Претседателот сака мостот целосно да биде урнат“, изјавил воен извор за „Телеграф“, додавајќи дека се подготвуваат нови напади.
Crimean Bridge update: rail traffic is still running; road traffic — well, you can see for yourselves
So transport links across the Kerch Strait have been partially restored. By winter, they'll probably finish the job completely.
— NEXTA (@nexta_tv) November 18, 2026
Целосното уништување на мостот би било голема политичка победа за Зеленски, бидејќи станува збор за една од најважните врски меѓу Русија и окупираниот Крим. Мостот, долг 19 километри, беше изграден по руската анексија на полуостровот во 2014 година, а Владимир Путин лично го отвори во 2018 година, поминувајќи преку него со камион.
Нападот бил дел од операција во седум фази
Украинската војска со години се обидува да го уништи мостот, со цел да го прекине или отежне снабдувањето на руските сили на Крим и во јужна Украина.
Според информациите објавени во „Телеграф“, нападот на 18 ноември бил завршница на операција во седум фази, во која биле употребени 11 различни системи на вооружување. Најпрво биле ослабени руските одбранбени позиции околу мостот, а потоа биле извршени удари врз самата конструкција.
Во операцијата учествувала и бригада на украинската морнарица опремена со ракети „Нептун“. Нејзините мобилни лансери биле поставени на тајни позиции долж јужниот украински брег, од каде биле истрелани крстосувачки ракети кон мостот.
Kerch bridge collapse moment. Absolute cinema 🙌 https://t.co/3PcWQyJP7p
— Kate from Kharkiv (@BohuslavskaKate) November 17, 2026
Украинските сили со часови ја напаѓале конструкцијата. Околу два часот по полноќ, припадниците на бригадата дознале дека дел од патот и потпорниот лак се урнале во морето.
Ракетите „Нептун“ имале задача да го погодат и железничкиот дел од мостот, кој е дополнително зајакнат за да може да издржи товарни возови. Според изворите, украинската бригада се вратила и следната ноќ, кога повторно ја оштетила пругата.
„Нептун“ стана едно од најпознатите украински оружја
Ракетата „Нептун“ доби големо внимание во април 2022 година, кога ѝ беше припишана клучна улога во потонувањето на рускиот крстосувач „Москва“, водечкиот брод на руската Црноморска флота.
Оружјето е развиено врз основа на советски противбродски ракети, а подоцна е усовршено и за напади врз копнени цели. Подобрената верзија, според написот, има дострел до 1.000 километри и може да се лансира од мобилни системи.
Со овие ракети Украина веќе напаѓала важни руски воени цели, меѓу кои и шест ловци-бомбардери во воздухопловната база Борисоглебск, во руската Воронешка област.
Инженерот Олег Коростелов, кој учествувал во развојот на „Нептун“, изјавил дека годинава се очекува производство на стотици вакви ракети. Според локалните медиуми, Зеленски би можел да пренасочи дел од средствата наменети за крстосувачката ракета „Фламинго“ за да го зголеми производството на „Нептун“.
Тоа би значело стотици нови можности за напади врз руски цели, наведува „Телеграф“.















