Компаниите за вештачка интелигенција располагаат со „бомбастични“ откритија што би можеле да ги разнишаат темелите на безбедноста на банките и владите за само неколку месеци, сметаат водечки стручњаци.
Скот Аронсон, истакнат теоретичар од областа на компјутерските науки, изјавил за „Guardian“ дека постојат „добро поткрепени гласини“ оти моќни модели на вештачка интелигенција постигнале напредок во решавањето математички проблеми стари со децении, поврзани со начинот на кој се шифрираат и се заштитуваат тајните информации.
Во зависност од тоа што е откриено, можно е хакерите, но и многу други, за кратко време да добијат можност полесно да ги дешифрираат тајните комуникации низ светот: банкарски трансакции, дипломатски депеши и приватни електронски пораки, на пример.
Ако се случи тоа, разузнавачките агенции, владите, банките и приватните компании би можеле да бидат принудени многу нагло да ги променат основите на начинот на кој комуницираат или да ризикуваат исклучително чувствителни информации да станат широко достапни.
Загриженоста на Аронсон и другите произлегува од низата математички пробиви што водечките компании за вештачка интелигенција ги објавија во изминатите недели.
Повеќето од нив се апстрактни пробиви. Но за стручњаците во оваа област тие укажуваат дека вештачката интелигенција е доволно моќна да решава проблеми за кои повеќето сметале дека ќе останат нерешени во догледна иднина.

Претходно оваа недела, Аронсон напишал дека е „речиси сигурен, врз основа на повеќе веродостојни извори, дека лабораториите за вештачка интелигенција сега располагаат со една или повеќе бомби [во криптографијата]“.
„Луѓето што мислеа дека вештачката интелигенција не може да се занимава со никаква интересна математика во овој момент дефинитивно грешат, па веќе не е јасно каде е границата“, изјавил Стивен Мардок, професор по компјутерски науки на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Говорејќи во петокот во емисијата „Today“ на „BBC Radio 4“, математичарот Маркус ди Сотој изјавил дека „не знаеме“ какви се пошироките последици од многу од овие откритија и што значат тие за шифрирањето.
Но, додал тој, „никој не зборува за проблемот што е во сржта на заштитата на сите наши електронски тајни. Зошто никој не зборува за тој проблем? Некои од нас размислуваат: можеби веќе го решиле и, секако, тоа би имало толку огромни последици што сите едноставно молчат“.
Владите, банките и разузнавачките агенции во изминатите неколку години се подготвуваат за можноста да се појават моќни средства за дешифрирање. Причината е што квантните компјутери, кога ќе бидат развиени, ќе можат да ги пробијат алгоритмите стари со децении врз кои се засноваат многу облици на шифрирање.

Но моментот кога квантните компјутери ќе можат да го направат тоа сè уште е оддалечен со години, а не со недели или месеци. Мардок изјавил дека многу влади и технолошки компании работат на преминување кон повисок стандард на шифрирање, кој не би бил ранлив на квантни компјутери, но напредуваат бавно. „Целта беше некаде околу 2032 година, а веројатно ни тој рок нема да биде исполнет.“
Сега тој, Аронсон и други стручњаци сметаат дека би можело да дојде до ненадеен напредок во светското разбирање на криптографијата и дека тоа би можело да се случи наскоро.
Помалку извесно е какви би можеле да бидат овие откритија. Аронсон и другите сметаат дека вештачката интелигенција можеби пронашла нов начин за пробивање на шифрирањето или, обратно, докажала дека таква кратенка не постои.
Тоа би произлегло од модели на вештачка интелигенција што ја разработуваат математиката врз која се заснова шифрирањето, а која досега не била целосно разбрана. Доколку вештачката интелигенција го направила тоа, би можела да пронајде начин за дешифрирање, а со тоа и за откривање огромни количества тајни податоци.
Исто така, би можела да докаже дека овие информации се побезбедни отколку што претходно се мислело.
Во светот се користат повеќе облици на шифрирање, засновани на различни основни алгоритми, а постојат и различни претпоставки за тоа што можеби е откриено и, соодветно на тоа, кои системи би можеле да бидат засегнати.

Нема конкретни најави од компаниите за вештачка интелигенција во врска со откритија за шифрирањето, изјавил Аронсон, но „секој што е упатен претпоставува“ дека тие постојат.
Алан Вудворд, професор по компјутерски науки на Универзитетот во Сари, изјавил дека математички пробив поврзан со криптографијата не мора да значи дека утре ќе настане општ хаос. Она што се променило е брзината со која вештачката интелигенција решава проблеми што со децении биле обвиени во мистерија, со потенцијално сериозни последици.
„Она што Аронсон во суштина го кажува е дека луѓето мора да бидат подготвени нешто ненадејно да се појави, бидејќи дефинитивно постои одреден тренд.“
Претходно оваа недела, Ендру Бејли, гувернерот на Банката на Англија, зборувал за стравувањата дека компании како „OpenAI“ и „Anthropic“ постигнале пробиви во криптографијата, порачувајќи дека тие треба да бидат внимателни при објавувањето нови модели за јавна употреба.
Во изминатите недели, компаниите за вештачка интелигенција објавија докази за математички резултати тесно поврзани со ова прашање. Еден од нив се однесувал на темелното прашање како да се категоризираат компјутерски „тешките“ проблеми.

Аронсон изјавил дека овие пробиви биле потресни за стручњаците од областа на математиката и компјутерските науки. Некои од нив ги посветиле своите кариери на овие проблеми, додека други претпоставувале дека тие нема да бидат решени додека се живи.
„Никогаш не сме виделе период како овој“, рекол тој. „Се обидувам да ја прифатам реалноста на она што се случува.“
Сепак, нагласил дека овие пробиви допрва треба да бидат разбрани, што значи дека математичарите и компјутерските научници мора да ги разгледаат и да ги проверат доказите што компаниите за вештачка интелигенција тврдат дека ги создале.
Вудворд изјавил дека е малку веројатно некое откритие „веднаш да го пробие шифрирањето“. Дури и ако постои такво откритие, има пречки за неговата широка примена.
Но големите банки и влади што се потпираат на шифрирањето „мора да бидат приспособливи“, изјавил Вудворд. „Оние што се приспособливи и можат брзо да се променат ќе бидат безбедни. Оние што заостануваат би можеле да бидат затекнати неподготвени.“















