Пациент со чип на „Neuralink“ игра „GTA 6“ без контролер: Со ликовите управува само со мислите

Точка

27/11/2026

15:01

339

Големина на фонт

а а а

Возењето глисер, тепачките, престрелките и управувањето со авион во „GTA 6“ обично бараат двете раце да бидат на контролерот. Меѓутоа, еден од учесниците во клиничкото испитување на компанијата „Neuralink“ успеал сето тоа да го прави без да допре ниту едно копче, користејќи мозочен имплант што ги претвора неговите намери во команди за играта.

„Neuralink“ на 20 ноември објавил двеминутна снимка на која пациент игра „GTA 6“ на конзолата „PlayStation 5“. За време на демонстрацијата управува со Џејсон, вози глисер низ тесен канал, учествува во тепачка и престрелка, а потоа седнува зад командите на хидроавион.

Најинтересниот дел од снимката покажува како функционираат контролите. Кога сака да го подигне носот на авионот, пациентот замислува дека ја движи десната дланка нанапред. Кога ќе замисли допир со домалиот прст, системот регистрира притискање на копчето со квадрат. Одделни команди ги поврзал дури и со замислени движења на стапалата.

На снимката се гледа и графички приказ на контролерот на „PlayStation“, на кој копчињата светнуваат секогаш кога мозочниот имплант ќе ја препознае соодветната команда.

Пред вградувањето на чипот, пациентот можел да игра видеоигри главно со помош на стапче што го управувал со устата и со кое го допирал екранот на „iPad“. Таквиот начин на играње бил бавен, го ограничувал на поедноставни игри и му предизвикувал болка во вилицата.

Сега може да управува со значително посложени игри. „Како одеднаш повторно да ви се отвори прозорец кон светот“, ја опишал промената што му ја донела можноста за управување со компјутер.

„Neuralink“ и претходно прикажувал слични демонстрации. Првиот пациент, Ноланд Арбо, уште во 2024 година играл шах и „Civilization 6“ со помош на мислите, додека вториот учесник во испитувањето го комбинирал мозочниот имплант со посебен контролер за „Counter-Strike 2“.

Технологијата и понатаму е во фаза на клинички испитувања, но демонстрацијата со „GTA 6“ покажува дека мозочниот имплант веќе може да пренесува повеќе различни команди потребни за управување со сложени видеоигри.