Женката црвена панда Пјара неочекувано го напуштила своето живеалиште во зоолошката градина во Љубљана. Меѓутоа таа набргу била пронајдена, а ветеринарниот преглед, за среќа, покажал дека е неповредена.
Како што за „Н1 Словенија“ било соопштено од Факултетот за хемија и хемиска технологија, каде што женката црвена панда отишла на прошетка, првата личност коjа ја забележала била рецепционерот.
Како што пренесе „Н1 Словенија“, младата женка црвена панда Пјара, пристигнала во зоолошката градина во Љубљана од Франција кон крајот на септември, каде што го дели своето живеалиште со мажјакот Магу.
Пјара очигледно има вистински талент за авантура, бидејќи утринава неочекувано го напуштила живеалиштето. Зоолошката градина добила известување дека била забележана во близина на Факултетот за хемија и хемиска технологија (ФККТ), по што таа брзо и безбедно била вратена во живеалиштето.
Факултетот се наоѓа на околу 400 метри од зоолошката градина.
За среќа, ветеринарниот преглед покажал дека е здрава и неповредена. „Сега мирно одмора во својот ограден простор“, напишале од Зоолошката градина во Љубљана.
Тие исто така им се заблагодариле на сите кои ги известиле и им помогнале Пјара да биде безбедна.
„Немаме вакви посети секој ден“
Факултетот за хемија и хемиска технологија при Универзитетот во Љубљана за „Н1“ објаснил дека пандата прв ја забележал рецепционерот, пред главниот влез на факултетот. Веднаш ги известиле полицијата и Зоолошката градина во Љубљана.

Додека чекале да пристигнат, вработените на Факултетот ја насочиле пандата кон бараката за велосипеди, каде што чекала да пристигнат чуварите од зоолошката градина.
„Овој настан дефинитивно беше нешто посебно за нас, бидејќи навистина немаме вакви посети секој ден“, напишале од факултетот.










