„Nvidia“ во нов скандал: Шефот на продажба се оженил со директорка од компанија поврзана со обвиненија за шверц во Кина

Точка

26/11/2026

19:36

537

Големина на фонт

а а а

Никогаш не сум морала да се потпирам на лични односи за професионална корист, напишала таа.

Џеј Пури, долгогодишниот шеф на глобалната продажба на „Nvidia“, со години бил во врска со Сенли Чен, директорка во „Super Micro“, компанија што купувала чипови од „Nvidia“ и чиј коосновач е обвинет за шверцување сервери во Кина, пишува „Wall Street Journal“.

Двојката се венчала на 7 март годинава, на церемонија во Биг Сур во Калифорнија, наведува весникот, повикувајќи се на официјалната евиденција. Според сегашни и поранешни колеги, врската траела неколку години, во период кога производителот на сервери „Super Micro“ се борел за пристап до чиповите на „Nvidia“.

Чен, како директорка за раст на „Super Micro“, често соработувала со Пури и го придружувала директорот на компанијата Чарлс Лијанг при посетите на „Nvidia“, на кои тој барал чипови за клиентите на „Super Micro“, тврдат вработени во двете компании. На продажните состаноци им велела на колегите да ѝ се обратат за сите прашања поврзани со „Nvidia“.

Приказната доаѓа по аферата на Џенсен Хуанг, кој бил во врска со Алис Хуанг, директорка на „Megaspeed“, уште еден купувач на „Nvidia“, за која дел од американските функционери се сомневаат дека соработувала со кинески разузнавачи. Хуанг поднел оставка, но неделава се вратил на чело на „Nvidia“, откако претседателот Доналд Трамп интервенирал кај управниот одбор. И „Megaspeed“ и „Super Micro“ се соочуваат со истраги на американското Министерство за правда поради наводно шверцување чипови во Кина.


Лични односи

Чен одбила да го коментира приватниот живот, образложувајќи дека тој нема врска со нејзината работа.

„Никогаш не сум морала да се потпирам на лични односи за професионална корист“, напишала во електронска порака.

Додала дека работела со клиентите на „Super Micro“, кои самите ги избирале чиповите, и дека не учествувала во нивниот избор или набавка. „Nvidia“ и Пури не одговориле на прашањата на весникот.

„Super Micro“ соопштил дека Чен не била задолжена за целокупниот однос на компанијата со „Nvidia“, ниту за набавката на нејзините графички процесори, и дека распределбата на чиповите меѓу клиентите се одредува преку процес во кој се вклучени повеќе оддели.

Пури (72) дошол во „Nvidia“ во 2005 година, по две децении поминати во „Sun Microsystems“. Додека бил во врска со Чен, го предводел глобалниот продажен тим на „Nvidia“, кој одлучувал како најновите чипови се распределуваат меѓу клиентите. Во јули на „LinkedIn“ објавил дека се повлекува од таа функција, но останува виш советник во компанијата.

Чен поминала речиси две децении во „Super Micro“, откако во компанијата од Сан Хозе дошла во 2008 година. Неколку недели по годишната конференција на „Nvidia“ во март, ја напуштила „Super Micro“ и станала директорка на компанијата за облачни услуги „ChronoScale“, издвоена од „Applied Digital“, уште еден партнер на „Nvidia“.


Обвинение и истрага

Министерството за правда на САД на 19 март објавило обвинение против коосновачот на „Super Micro“, Ји-Шјан „Воли“ Лијау, еден менаџер за продажба и еден посредник. Тие се товарат дека ѝ наложиле на неименувана фирма од Југоисточна Азија во 2024 и 2025 година да нарача сервери од „Super Micro“ вредни околу 2,5 милијарди долари, а потоа сервери со чипови на „Nvidia“, вредни најмалку 510 милиони долари, да пренасочат во Кина.

Лијау се изјаснил дека не е виновен и во март поднел оставка од управниот одбор, додека посредникот признал вина во рамките на спогодба со обвинителството. „Super Micro“, против кој не е подигнато обвинение, тврди дека е жртва на шемата, дека соработува со властите и дека ги прекинал врските со обвинетите. Проверката на трансакциите што ја воделе независни членови на одборот, според компанијата, не открила докази дека некој од сегашното највисоко раководство знаел за пренасочувањето.

Чен не е спомената во обвинението и вели дека сојузните власти не ја контактирале. Меѓутоа, агенти на „FBI“ неодамна испрашале лице запознаено со работењето на „Super Micro“ и побарале информации за највисоките раководители, вклучувајќи ја и Чен, тврди тоа лице.


Врската под лупа

Врската меѓу Пури и Чен, според луѓе што работеле со нив, била јавна тајна. Во 2024 година биле фотографирани заедно на гала-вечера на Операта во Сан Франциско, а во април, неколку недели по венчавката и објавувањето на обвинението, и на гала-вечера на Калифорниската академија на науките, заедно со други директори на „Nvidia“ и нивните сопружници.

Вес Каминс, директор на „Applied Digital“ и претседател на „ChronoScale“, изјавил дека врската создавала впечаток на судир на интереси, но дека не му е познато оти „Super Micro“ имал посебен третман кај „Nvidia“. Според него, „Nvidia“ сериозно го сфаќа судирот на интереси, па „ChronoScale“ и „Applied Digital“, поради пријавената врска, не можат да користат дел од помошта што „Nvidia“ им ја обезбедува на клиентите.

Врската станала јавна преку тужба од акционери, во која се тврди дека Чен имала улога во набавката на чипови на „Nvidia“ за „Super Micro“, како и преку извештај на инвестициската компанија „Muddy Waters“, која се занимава со кратка продажба на акции, објавен претходно месецов.