Книгата за деца „Четирите светлини на Новата година“ од Иван Антоновски, во издание на „Матица македонска“, добива пофални оценки од писателите Стојан Тарапуза, Блаже Миневски и Николина Андова-Шопова. Претпродажбата трае уште три дена, по што книгата ќе биде достапна и во книжарницата на издавачот.
Стојан Тарапуза смета дека Антоновски со ова дело исполнил одамнешен долг кон македонските деца. „Ова е книга што им ја должевме на македонските деца. Да се појавеше пред неколку децении, денешните родители ќе им ја читаа на своите деца како една од најмилите книги од сопственото детство. Иван Антоновски го оствари она што требаше да го направиме и ние, од постарите поколенија. Во неговата сказна, Македонија им станува на децата блиска како другар од детството, со кого ја делат новогодишната авантура. За вакво дело се потребни раскошна имагинација и длабоко разбирање на детската душа. Антоновски ги има и двете“, оценува Тарапуза.
Сказната го следи патувањето на девојчето Илина и балканскиот рис Риско низ Македонија, во потрага по четирите изгубени светлини од новогодишната ѕвезда. Од нивното враќање зависи дали Новата година ќе го најде патот до секој дом. Кокино, Стоби, Охрид, Крушево, Пелистер и Галичица се дел од пределите што децата ги откриваат со двајцата јунаци.
Блаже Миневски посебно го издвојува достигнувањето на Антоновски да создаде дело во кое децата ќе уживаат и како читатели и како автори. Според него, можноста да се влезе во приказната, да се бараат траги и да се има сопствена мисија го претвора читањето во создавање. Запознавањето со македонското природно, културно и историско наследство отвора простор детето да открива и да измислува заедно со писателот.
Во откривањето на Македонија, Миневски ја препознава и врската меѓу познавањето на татковината и нејзиното лично доживување. „Тогаш татковината ќе биде и во нашиот сон, и во нашите мисли, и во нашето срце. Како љубов, како присуство, како светлина“, пишува тој. Таа мисла ја заокружува со пораката: „Зашто татковината е наша колку што ја познаваме, но и колку што ја создаваме во срцата, во мислите, во желбите“.
Книгата, според Миневски, е и придонес кон патриотизам со длабоки културни корени. „На крајот, ако патриотизмот не се темели на празно место, туку на вековните традиции и основи на нашата земја, тогаш ‘Четирите светлини’ е вистински прилог за тоа“, нагласува тој.
„Децата добиваат вонвременска приказна за својата татковина, сказна за убавината, географија на љубовта и магиска енциклопедија на времето и просторот, спасени од ‘виулицата што брише и ветрот што носи’“, пишува Миневски, завршувајќи со пораката: „Прекрасна книга за прекрасни деца!“
Интерактивниот пристап го издвојува и Николина Андова-Шопова, која посочува дека „читателот не е само набљудувач на случувањата, туку е повикан да размислува, да истражува и да учествува во приказната“. Во нејзиниот осврт се нагласени и човечките вредности на сказната: „Низ необичното патување се откриваат темите за пријателството, храброста, сеќавањето и потребата да се биде тука за другиот“. Според Андова-Шопова, книгата нуди поинакво новогодишно читателско патување за децата и за возрасните што ќе ја читаат заедно со нив.
Илустрираното издание содржи голема карта на Македонија, дванаесет мисии и креативни активности со кои детето го продолжува своето учество во приказната.
„Четирите светлини на Новата година“ може да се нарача во претпродажба на веб-страницата на „Матица македонска“ уште три дена.
Патувањето на Илина и Риско низ Македонија нуди повод децата и возрасните заедно да читаат и да разговараат за местата што ги откриваат во приказната.















