На Драган Ј. Вучиќевиќ, сопственик и главен уредник на српскиот таблоид и телевизија „Информер“ – медиум што го поддржува Вучиќ – му е одреден притвор во траење од 30 дена.
Тој беше уапсен по налог на обвинителството, под сомнение дека сторил кривични дела предизвикување паника и попречување на правдата. Според српските медиуми, судот ја донел одлуката по предлог на Второто основно јавно обвинителство во Белград, кое како образложение го навело ризикот од повторување на делата.
Одбрана и детали за обвиненијата
Драган Ј. Вучиќевиќ, кој беше уапсен пред два дена, ја изнесе својата одбрана на сослушувањето и негираше вина по обвиненијата што му се ставаат на товар. Неговите бранители побараа тој да биде пуштен на слобода.
Постапувајќи по налог на Второто основно јавно обвинителство во Белград, полицијата во општина Вождовац извршила приведување. Вучиќевиќ се сомничи за продолжено кривично дело предизвикување паника и неред, како и за кривично дело попречување на правдата. Според „Информер“, Вучиќевиќ бил пресретнат од полициски службеници во цивил на околу педесет метри од зградата на неговата телевизија.
Реакции од негoвиот адвокат и син
Адвокатот на Драган Ј. Вучиќевиќ, Борис Богдановиќ, изјави дека им било врачено решението за притвор и најави поднесување жалба. Синот на Вучиќевиќ, Вукашин, ја опиша ситуацијата како „чист политички прогон“. „Се разбира, исходот не е таков каков што посакувавме, а сметам и дека не е праведен. Не верувавме дека ова ќе се случи, но сепак го очекувавме, бидејќи станува збор за чист политички прогон.
Борис Богдановиќ е адвокат во постапката и не може, ниту сака, да ги коментира денешните постапки на судиите и обвинителите. Сепак, смеам да кажам дека ова е чист политички прогон и дека не постои правна основа за одредување притвор од 30 дена“, изјави Вукашин Вучиќевиќ.
Вучиќ за апсењето
На почетокот на собраниската седница, Александар Вучиќ, шефот на пратеничката група „Обединета Србија“, го коментираше апсењето.
„Сопственикот на ’Информер ТВ‘, Драган Вучиќевиќ, штотуку е уапсен. Уапсен е поради својата новинарска работа, а тоа, заедно со оваа навивачка група горе, доволно говори за тоа со какви ништожници си имаме работа. Ви благодарам многу“, рече Вучиќ.
По апсењето, се огласи и групата „Филозофи во блокада“. „Добро утро, слободна Србијо. Драган Ј. Вучиќевиќ е уапсен“, стои во нивното соопштение.














