Финскиот претседател Александер Стуб и норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе преку руски олигарх воспоставиле таен контакт со Кремљ за да спречат можен воен судир со Русија на Балтичкото Море, открива американскиот „Волстрит џурнал“ (WSJ).
Балтичкото Море стана едно од најопасните подрачја за можен судир меѓу Русија и НАТО. Москва стравува дека западните земји би можеле да ги блокираат поморските патишта преку кои извезува нафта, додека европските држави сè повеќе ги загрижува можноста од руски воен одговор.
Русија испрати воени бродови да ги штитат танкерите
Русија преку Балтичкото Море превезува повеќе од 60 отсто од нафтата што ја извезува со бродови. Тој извоз е важен извор на приходи за финансирање на војната во Украина. Но, Балтичкото Море е опкружено со членки на НАТО, а западните земји во последните месеци ги засилија контролите на танкерите со кои Русија ги заобиколува санкциите.
Од крајот на 2024 година, најмалку 14 танкери за кои постоело сомневање дека ѝ припаѓаат на руската „флота во сенка“ биле запрени или прегледани. Десет такви случаи се забележани на почетокот од оваа година.
❗️Russian corvette Merkuriy before and after meeting the Ukrainian naval drone. https://t.co/bQzLnM44r5
— 🪖MilitaryNewsUA🇺🇦 (@front_ukrainian) November 22, 2026
Москва одговори со испраќање воени бродови кои ги придружуваат танкерите и ги спречуваат западните морнарици и крајбрежни стражи да се качат на нив. Некои од тие бродови носат ракети кои можат да бидат опремени со нуклеарни боеви глави. Германската крајбрежна стража за нешто повеќе од една година забележала 260 вакви придружби на Балтичкото и Северното Море.
Русија во мај донесе и закон со кој дозволува употреба на воена сила за заштита на трговските бродови. Истовремено, Калининград, својата енклава на Балтикот, дополнително ја опреми со дронови, моќни радари и системи за електронско војување.
Руски воен брод за малку ќе се судреше со германската крајбрежна стража
Колку е опасна ситуацијата покажал инцидентот од 30 јуни. Активисти на Гринпис со глисери му се приближиле на танкерот „Кира К“ (Kira K), кој плови под панамско знаме и се поврзува со руската „флота во сенка“.
Руската корвета „Сообразителни“ (Soobrazitelny) тргнала кон нив, очигледно верувајќи дека станува збор за припадници на крајбрежната стража кои имаат намера да го прегледаат танкерот. Рускиот командант преку радиоврска ги предупредил бродовите да се оддалечат.
Германскиот брод на крајбрежната стража „Бајројт“ (Bayreuth) тогаш тргнал да ги заштити активистите. Германскиот командант успеал да ја смири ситуацијата објаснувајќи им на Русите дека станува збор за цивилни демонстранти и дека никој нема намера да го прегледува танкерот.
Германскиот командант подоцна ги предупредил претпоставените дека постоела голема опасност од ескалација.
Инцидентот не бил единствениот. Истиот руски воен брод на 14 септември испукал сигнални ракети кон дански воен хеликоптер кој го надгледувал. На 18 октомври два руски воени брода ги спречиле данската и германската крајбрежна стража да му пријдат на танкер на кој му се расипал моторот кај островот Борнхолм.
Москва се закани со превентивни нуклеарни напади
Стравот на Москва од можна блокада дополнително го засилија изјавите на европските политичари.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски на 11 септември предложи толку агресивни воени вежби на НАТО кај Калининград што Путин би морал да повлече дел од своите сили од Украина поради страв од напад.
Неколку дена подоцна естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахкна изјави во Обединетите нации дека Естонија, Финска и НАТО би можеле да го затворат Финскиот Залив во рок од неколку часа.
Русија уште во август европските обиди за запирање на танкерите ги нарече пиратство и најави воен одговор. Во септември Кремљ до НАТО испрати писмено предупредување дека е подготвен да изведе превентивни нуклеарни напади заради заштита на своите интереси на Балтикот, дури и ако руската територија не е нападната.
Александар Волошин, поранешен шеф на кабинетот на Путин кој повремено му помага на Кремљ во контактите со Западот, изјаавил дека Русија не би можела да спречи блокада на Балтикот или Калининград со конвенционално оружје бидејќи нејзините сили се ангажирани во Украина.
Според неговите зборови, на Москва во таква ситуација не би ѝ преостанало ништо друго освен да одговори со итни превентивни нуклеарни напади.
Поради опасноста од ескалација, Пентагон кон крајот на октомври ги предупреди балтичките сојузници да ги ублажат изјавите за можни воени потези против Русија.
Финскиот претседател преку олигарх стигнал до Путин
Западните функционери се обидувале да ја уверат Москва дека НАТО не планира да го блокира Балтичкото Море. Финска поради тоа го повикала рускиот амбасадор на разговор, но Стуб стравувал дека пораката не стигнува до Путин.
Затоа Финска и Норвешка му се обратиле на руски олигарх кој има директен пристап до Кремљ. Според извори на „ВСЏ“, олигархот отпатувал во Норвешка на разговори со високи функционери, а потоа се вратил во Москва за да му ја пренесе пораката на Путин.
Неколку дена подоцна, на 27 октомври, Стуб и Сторе заедно телефонски разговарале со Путин. Разговорот траел околу час и половина.

Официјална тема била завршувањето на војната во Украина и подготовката на нови мировни преговори. Но, според „ВСЏ“, двајцата лидери имале уште една важна цел: да го уверат Путин дека НАТО не подготвува поморска блокада на Русија.
„Немаме намера да го блокираме Балтикот во мирнодопско време, во тоа можете да бидете сигурни. Ќе постапуваме во согласност со законот“, му рекол Стуб на Путин, според двајца извори кои присуствувале на разговорот.
Путин по разговорот јавно ги пофалил двајцата лидери, но предупредил дека некој сака да го претвори Балтичкото Море во нов Ормуски Теснец, каде што војната меѓу САД и Иран привремено го наруши транспортот на нафта и предизвика силен раст на цените на енергијата.
„Ние тоа не го сакаме, но ќе одговориме на секој предизвик“, порачал Путин. Тој предупредил и дека во случај на преголема ескалација нема да има победници.
Украинскиот напад го стави договорот на тест
Ветувањето на Стуб дека Финска ќе го почитува меѓународното поморско право набрзо беше ставено на тест. Украински дронови го нападнаа рускиот товарен брод „Спарта II“, кој, според украинскиот претседател Володимир Зеленски, превезувал оружје.
Зеленски во интервју за „Блумберг“, објавено во вторникот, рекол дека бродот бил легитимна воена цел и потврдил дека нападот бил изведен во руски води, но оштетениот брод потоа навлегол во финските територијални води.
Тој признал и дека некои европски партнери на Украина се загрижени поради таквите напади на Балтикот. Финските власти започнале акција за спасување во соработка со Русија. Пожарот на бродот бил изгаснат, а на руските власти им било дозволено да го одвлечат оштетениот брод.
Со тоа, според „ВСЏ“, била спречена нова ескалација меѓу Русија и НАТО.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во понеделникот изјавил дека украинскиот напад повторно ги зголемил тензиите на Балтикот. Тој порачал дека Москва очекува од балтичките држави да го искористат своето влијание врз Киев за да спречат слични напади.
















