[ВИДЕО] Гостивар обоен во црвено-црно пред 28 Ноември: Албански знамиња на секој чекор, македонско ниту едно

Точка

26/11/2026

11:37

208

Големина на фонт

а а а

Во пресрет на 28 ноември, Денот на знамето и независноста на Албанија, улиците на Гостивар се украсени со албански знамиња. Градот доби празничен изглед, а знамињата се поставени на повеќе локации, во пресрет на датумот кој има особено значење за албанската заедница.

Видеоснимка од празнично украсениот град објави градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, на својот профил на Фејсбук. На снимката може да се видат улици долж кои се поставени албански знамиња, додека во кадрите не се забележува ниту едно македонско знаме.

Објавата доаѓа во период кога повторно се актуелизира прашањето за истакнувањето на албанските знамиња во македонските општини по повод 28 ноември. Празникот традиционално се одбележува со знамиња, прослави и различни манифестации, особено во средините со побројно албанско население.


За ова прашање неодамна беше прашан и премиерот Христијан Мицкоски, односно дали и во Скопје ќе бидат поставени албански знамиња по повод празникот. Тој одговори дека станува збор за вообичаена практика и дека на 28 ноември албански знамиња се истакнуваат во повеќе општини низ Македонија.

Инаку, 28 ноември е еден од најзначајните датуми во албанската историја. На овој ден во 1912 година во Валона била прогласена независноста на Албанија, а датумот се одбележува и како Ден на знамето.