Барбра Стрејсенд и Дастин Хофман, филмските родители на Грег Фокер, не се појавуваат во новиот филм „Focker-In-Law“ (Сватовите на Фокерови), а режисерот Џон Хамбург објаснил дека во приказната едноставно немало доволно простор за нивните ликови.
Филмот, кој во американските кина пристигна на 25 ноември е четвртиот дел од франшизата „Meet the Parents“. Грег Фокер (Бен Стилер) овојпат се наоѓа во ситуација во каква што некогаш бил неговиот тест Џек Бирнс (Роберт Де Ниро): неговиот син Хенри (Скајлер Гисондо) дома ја носи својата девојка Оливија (Аријана Гранде), поранешна преговарачка на ФБИ за ослободување заложници.
Џек е воодушевен од неа, додека Грег не е убеден дека таа е вистинската девојка за неговиот син. Целото семејство се собира на Лонг Ајленд по повод 80-тиот роденден на Џек.

Покрај Стилер и Де Ниро, во филмот се враќаат и Тери Поло како Пем, Блајт Данер како Дина и Овен Вилсон како Кевин, додека нови членови на актерската екипа се Бини Фелдстајн, Едуардо Франко и Кол Ескола.
Стрејсенд и Хофман, кои ги толкуваа родителите на Грег, Роз и Берни Фокер, во филмовите „Meet the Fockers“ од 2004 година и „Little Fockers“ од 2010 година, овојпат не добиле покана за учество во филмот.
Хамбург, кој е сценарист и режисер на филмот, во разговор за „Варајети“ рекол дека двајцата биле неверојатни во филмот „Meet the Fockers“, но дека сакал да се врати кон едноставноста на оригиналниот филм „Meet the Parents“.

„Дастин и Барбра се толку култни личности што не сакав повторно да ги вклучам во помали улоги ако не можев да им посветам доволно внимание на нивните ликови, особено затоа што имавме толку многу нови ликови. Ако ги вратев, ќе требаше да одземам простор од Оливија, Хенри, Саманта и Едуардо. Тоа беше тешка одлука. Не дека тие би се согласиле да се вратат, но ми се чинеше дека оваа приказна не може да ги опфати сите тие ликови“, објаснил тој.
Можно е и петто продолжение
Сепак, Хамбург не ја исклучува можноста за петти филм, во кој Стилер повторно би можел да се сретне со своите филмски родители. „Можеби во петтиот дел…“, додал тој.
Филмот завршува со сцена која остава простор за продолжение, но режисерот засега не сака да се обврзува.
„Видете, немам кого да обвинувам освен себеси. Јас ја напишав таа реплика. Можеби има уште материјал за приказната, но само ако тоа доаѓа природно и ако постои причина да се сними таков филм. Прашајте ме по викендот на Денот на благодарноста“, заклучил Хамбург.










