Турските актерки Дениз Чакир и Бурџу Озберк, познати по улогите во серијата „Сулејман Величествениот“, се уапсени во Истанбул во голема полициска акција. Приведени се под сомнение за поседување дрога и поврзаност со проституција, а заедно со нив се уапсени и низа други познати личности од турскиот јавен живот.
Истрага за дрога и проституција
Државното обвинителство во Истанбул покрена обемна истрага, која резултираше со издавање налози за приведување на 35 лица. До средата наутро полицијата приведе повеќе од дваесет осомничени во акција насочена кон сузбивање на трговијата со дрога, нејзиното набавување и консумирање, како и на кривични дела поврзани со проституција.

Според пишувањата на турските медиуми, истражителите ги собрале доказите преку анализа на запленетите мобилни телефони и други дигитални уреди, а клучните информации ги добиле и од тајни сведоци. Сите приведени биле упатени на лекарски преглед и тестирање за присуство на наркотични средства пред да бидат изведени пред судија.
Камерите го забележале моментот кога Дениз Чакир, во придружба на полицијата, била донесена на здравствен преглед. Актерката носела кафеава кожна јакна и очила за сонце, а по скалите се симнувала со наведната глава. Обвинителството сè уште не објавило за што точно се товари.
Меѓу приведените и пејачи, актери и претприемачи
Освен Дениз Чакир, полицијата ги привела и популарниот пејач и актер Озџан Дениз, како и актерката Бурџу Озберк, која исто така глумела во „Сулејман Величествениот“.

На списокот на осомничени се најде и претприемачот Ибрахим Изет Озилхан, член на управниот одбор на групацијата „Anadolu“ и потпретседател на турското здружение на индустријалци. Приведени се и телевизиските водители Мурат Џејлан и Мурат Башоглу.
По сослушувањето, судијата одлучил деветмина осомничени, меѓу кои Дениз Чакир, Озџан Дениз и Бурџу Озберк, да се бранат од слобода. Ним им е изречена мерка забрана за напуштање на земјата. Во истражниот притвор е задржана пејачката Џејлан Каја поради сомнение за перење пари.
Кариерата на Дениз Чакир
Дениз Чакир е родена во Анкара, а телевизиската кариера ја започнала пред повеќе од 20 години. Поголема популарност во Турција и во регионот стекна со улогата во серијата „Кога лисјата паѓаат“.

Светската препознатливост ѝ ја донесе улогата на сестрата на султанот, Шах Султан, во историската серија „Сулејман Величествениот“. Актерката е активна и во театарот, а позајмувала глас и во анимирани филмови. Истрагата продолжува, а полицијата трага по преостанатите осомничени.














