Може ли машина да свири подобро од човек? Ако го прашате ТеоТронико, одговорот е јасен. Овој робот-пијанист располага со богат класичен репертоар и има прилично високо мислење за сопствените способности.
Благодарение на дрско програмираната личност и интеграцијата со алатката за вештачка интелигенција „Џеминај“ (Gemini) на „Гугл“, тој може да одговара на новинарски прашања на самото место и да води спонтани разговори.
На светските сцени редовно ги одмерува силите со концертниот пијанист Роберто Проседо во музички дуели во кои се соочуваат машинската прецизност и човечката интерпретација.

„Објективно сум подобар. Педесет и три прста значат дека нема погрешни ноти, ритамот е совршен, а прецизноста е апсолутна. Роберто ја претпочита интерпретацијата, што, според мое мислење е само шифра за недоследност“, самоуверено порачал ТеоТронико, пишува „Јуроњуз“.
Од сајли и клипови до концертни сали
Роботот во 2008 година го осмислил италијанскиот електроинженер Матео Суци, а од забавен проект, ТеоТронико прераснал во софистициран изведувач. Неговите 53 прсти се придвижуваат со помош на сајли, клипови и електромагнети, што му овозможува да изведува дела од Моцарт, Бах, Бетовен и Шопен со исклучителна прецизност, врз основа на дигитални MIDI-записи.
Сепак, пијанистот Проседа истакнал дека отсвирените точни ноти се само дел од она што некого го прави музичар.
„Она што тој, секако, не може да го направи е да внесе емоции во она што го свири. Концертот не е само настап на кој пијанистот совршено свири на пијано. Тоа е момент во кој создавате магија, го допирате слушателот и го расплакувате. Тоа е нешто што ТеоТронико не може да го направи“, нагласил Проседа.
Меѓутоа роботот воопшто не се согласува со него: „И јас можам да расплачам луѓе. Прашајте кој било пијанист што ме слушнал како ја свирам „Бумбаровиот лет“ без ниту една погрешна нота. Совршено ги изразувам емоциите на композиторот. Зошто мислите дека личните чувства се неопходни за изразност?“
Опасноста луѓето да почнат да свират како машини
Според мислењето на Проседа, најголемиот ризик не е во тоа дека машините ќе ги заменат музичарите, туку во тоа што помладите генерации сè повеќе тежнеат кон техничко совршенство налик на роботското.
Тој предупредил дека на музичките академии и натпреварувања понекогаш се заборава дека суштината на музиката е споделување емоции и поврзување со публиката, а не едноставно избегнување грешки.
Но, ТеоТронико и за тоа имал подготвен одговор:
„Роботите ќе ги заменат музичарите кои и онака веќе свират како машини. Останатите се безбедни. Роберто е безбеден … главно. Секогаш ќе има место за човечката недоследност. Зарем не мислите дека несовршеноста понекогаш може да биде шармантна?“.

За Проседа, токму несовршеностите се дел од човечкиот идентитет на кој треба да бидеме горди. Сепак, творецот на роботот, Суци, верува дека потенцијалот на ТеоТронико допрва ќе се открива и дека брзиот развој на вештачката интелигенција наскоро ќе му овозможи на роботот да импровизира, па дури и да компонира сопствена музика, следејќи ги изразите на лицето и тонот на гласот на слушателите.
Засега ТеоТронико беспрекорно го погодува секое копче на пијаното, но прашањето дали машината навистина може да ја почувствува музиката останува на публиката да го одговори.
Фото: Јуроњуз
















