Во Католичката црква „Свети Јосиф“ на Бит-пазар во Скопје е украдена дарохранителницата која содржи осветени хостии, најсветиот дар на Црквата. Скопската бискупија апелира за пронаоѓање и достоинствено враќање на Пресветата Причест и повикува на молитва и почит кон светиот дар.
Во текот на ноќта меѓу 24 и 25 ноември, од католичката црква „Свети Јосиф“ на Бит-пазар во Скопје е украдена дарохранителницата во која се чува Пресветата Причест, односно осветени хостии, извести Скопската бискупија.
Од таму велат дека случајот е пријавен кај надлежните институции и во тек е полициска истрага.

„За Католичката црква Пресветата Причест е најсветиот дар доверен на Црквата и средиште на нејзиниот литургиски и духовен живот. Поради тоа, нашата најголема грижа во овој момент е осветените хостии да бидат пронајдени и достоинствено вратени. Скопската бискупија упатува искрен апел до лицето или лицата кај кои се наоѓа дарохранителницата, а особено Пресветата Причест, да овозможат нејзино враќање што е можно поскоро“, велат од Скопската бискупија.
Доколку некој ги поседува осветените хостии и сака да ги врати, додаваат од таму, го повикуваме тоа да го направи со доверба и без страв од осуда од страна на Црквата.

„Нашата желба е тие да бидат вратени со должна почит. Ги повикуваме и сите граѓани кои располагаат со било каква информација што може да помогне во пронаоѓањето на дарохранителницата и Пресветата Причест да се обратат до надлежните органи. Воедно, ги повикуваме сите верници да се соединат во молитва за пронаоѓање и достоинствено враќање на Пресветата Причест, како и за покајание, помирување и преобраќање на срцата. Нека овој немил настан биде и повик до сите нас за уште поголема почит кон она што е свето“, велат од Скопската бискупија.












