Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, ја предводеше државната делегација на 54. сесија на Одборот за индустриски развој на Организацијата на Обединетите Нации за индустриски развој (УНИДО), како и на свечениот настан на високо ниво по повод одбележувањето на 60-годишнината од основањето на оваа организација.
Учеството на овие значајни меѓународни настани претставуваше можност за продлабочување на соработката со УНИДО, афирмирање на националните приоритети во областа на зелената транзиција и идентификување нови можности за меѓународна финансиска и експертска поддршка.

Во рамките на работната посета на Виена, заменик-министерката Лашкоска оствари средби со високите претставници на УНИДО, Смаил Ал Хилали, директор на Одделот за циркуларна економија и зелена индустрија и Соломија Омелјан, раководителка на Регионалното биро за Европа и Централна Азија, на кои посебен акцент беше ставен на развојот на националното проектно портфолио во рамките на деветтиот финансиски циклус на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ-9), за периодот 2026–2030 година.
„Разговаравме за нашата досегашна соработка, но многу повеќе се задржавме на потенцијалните области на соработка, како и за перспективите за развој на идни проекти, вклучувајќи и различни можности за комбинирано финансирање“, истакна заменик-министерката Лашкоска.
Ваквите финансиски механизми отвораат можности за мобилизирање дополнителни ресурси за зелени инвестиции, воведување чисти технологии, поефикасно користење на природните ресурси и намалување на негативните влијанија на индустријата врз животната средина, што на долг рок треба да придонесе за поконкурентна економија, одржливи работни места и подобар квалитет на живот на граѓаните.

Како конкретен резултат од одржаните средби, беа дефинирани следните чекори во насока на конкретизирање на подготвителните активности и изработка на проектни концепти кои би биле доставени до Глобалниот еколошки фонд за потенцијално финансирање.
Министерството за животна средина и просторно планирање ќе продолжи активно да ги гради и продлабочува стратешките партнерства со меѓународните организации и финансиски институции, со јасна визија – меѓународната соработка да се преточува во конкретни инвестиции и проекти кои ќе обезбедат забрзан индустриски развој во хармонија со природата, поздрава животна средина и поодржлива иднина за сегашните и идните генерации, се наведува во соопштението на Министерството.
















