Во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода е воведена едносменска настава по доградбата со шест нови училници, што е резултат на инвестиција и соработка помеѓу Владата и локалната самоуправа. Министерството за образование најавува проширување на ваквиот модел и на други училишта во општината.
Во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во општина Кисела Вода од први септември годинава е воведена настава во една смена, откако претходно со заедничка инвестиција од 19 милиони денари на Владата и локалната самоуправа се проширија училишните капацитети со шест нови училници.
Денес училиштето го посетија министерката за образование и наука, Весна Јаневска и градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
Едносменска настава
„Едносменското работење е концепт за кој се залага актуелната Влада и во соработка со локалните самоуправи, постепено ја прошируваме неговата примена. Ефектот е повеќедимензионален – децата повеќе се концентрирани на наставата наутро, се задржуваат повеќе на училиште со оглед дека имаат помалку часови на годишно ниво од нивните врсници во Европа, повеќе се социјализираат, а воедно се намалуваат и трошоците за функционирањето на училишните објекти“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека Кисела Вода ќе добие поддршка за проширување на капацитетите и на други училишни објекти, за да се воведе едносменска настава на целата нејзина територија.
„Министерството веќе има изготвени проекти за проширување на уште три училишта со по шест училници – централното ОУ „Круме Кепески“, ОУ „Кузман Шапкарев“ во Драчево и ОУ „Рајко Жинзифов“ во Пинтија. Многу скоро ќе објавиме постапки за избор на градежни компании и на почетокот на следната година очекувам да започнат теренските активности“, информираше Јаневска и додаде дека во земјата, од вкупно 1023 училишни објекти, во 620 има настава во една смена.
Поддршка од општината
Градоначалничката Стаменкоска Трајкоска рече дека општината целосно ги опреми новите простории во ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ со столчиња, клупи, катедри, табли, смарт-уреди во сите училници и преносни компјутери за наставниците.
„Грижата за децата и континуираното подобрување на условите во сите училишта е наш заеднички фокус“, истакна градоначалничката, заблагодарувајќи се на Владата и Министерството за образование и наука за поддршката и партнерскиот однос, со порака дека кога локалната и централната власт работат со иста визија, резултатите се видливи веднаш и директно го подобруваат животот на граѓаните.












