Застанал со автомобилот за да ѝ помогне на сопругата што се гушела, па добил казна од 125 евра: Не ни претпоставувал што ќе следува потоа

Точка

20/11/2026

20:46

636

Големина на фонт

а а а

Пензиониран машиновозач бил огорчен откако бил казнет затоа што го запрел автомобилот пред железничката станица во Рочестер, на дел од патот обележан со двојна црвена линија. Тој тврди дека го направил тоа за да ѝ помогне на сопругата што се задушувала.

Иако се обидувал да објасни зошто морал да застане, казната била зголемена на 105 фунти, односно околу 125 евра, кои на крајот ги платил.

„Не дојдов да земам никого“

Џејмс Брајс (69) застанал пред железничката станица, која се наоѓа во зона со посебен сообраќаен режим. Како што раскажал, морал да ѝ помогне на сопругата.

Тој тврди дека застанал нешто по шест часот наутро, кога на патот немало други возила, и дека никому не му пречел.

„Не дојдов да земам никого, ниту некој излезе од автомобилот — што мислеа, зошто застанав? Секој би го направил истото што и јас во итна медицинска ситуација. Годишно 300 луѓе умираат од задушување. Бев таму три или четири минути, ништо повеќе“, изјавил тој.

Само три дена подоцна, на 5 август, му пристигнала казна од 70 фунти, со можност да плати намален износ од 35 фунти доколку го направи тоа во рок од две недели.

Брајс очекувал дека надлежните ќе ги разберат околностите поради кои го запрел автомобилот.

„Си помислив: ’Добро, нема проблем, само ќе им објаснам што се случи‘, верувајќи дека ќе разберат“, раскажал тој.

Тврди дека не добил одговор

Меѓутоа, обидот да поднесе жалба преку веб-страницата на локалната управа Медвеј не успеал, па по пошта испратил писмо во кое објаснил што се случило.

Како што тврди, не добил одговор, но кон крајот на август му пристигнало ново известување со кое износот на казната бил зголемен на 105 фунти. Затоа решил лично да однесе уште едно писмо во седиштето на локалната управа во градот Чатам, во грофовијата Кент.

Сепак, како што вели, ни до 5 ноември не добил одговор. Плашејќи се од понатамошна постапка, на крајот го платил побараниот износ.


Брајс потоа го контактирал порталот „KentOnline“, на кој му кажал дека се чувствувал „измамен“, бидејќи локалната управа брзо ја издала казната, но не одговарала на неговите обиди да ја оспори.

„Да ми одговореа: ’Разбираме зошто го направивте тоа, но тоа не е доволно добра причина‘, ќе го прифатев тоа и ќе платев 35 фунти. Но толку одолжуваа што казната достигна 105 фунти“, изјавил тој.

Додал дека се прашува колку луѓе се откажуваат од обидот да ја оспорат казната и едноставно ја плаќаат.


Управата ги вратила уплатените пари

Откако медиумот ја контактирал локалната управа Медвеј и побарал објаснување, се случил нов пресврт. Веќе следниот ден Брајс повторно се јавил во редакцијата и кажал дека му биле вратени сите 105 фунти.

Сепак, како што навел, не бил однапред известен за уплатата, ниту добил какво било објаснување зошто парите му биле вратени.

Додал дека би сакал, по сите обиди да стапи во контакт со надлежните, да добиел барем некаков одговор.

Од локалната управа Медвеј, одговарајќи на новинарските прашања, навеле дека првото писмо на Брајс го примиле на 11 август, но дека неговата жалба ја одбиле поради „недостиг од докази и активностите забележани околу возилото“. Како што објасниле, одговорот му го испратиле на 26 август, односно 21 ден по издавањето на првичната казна.

Претставниците на управата навеле и дека во известувањето за одбивање на жалбата имало проблем со формулацијата, поради што казната била поништена.