„GTA 6“ заработи 2,36 милијарди долари на првиот ден

Точка

20/11/2026

08:31

525

Големина на фонт

а а а

Долгоочекуваната видеоигра „Grand Theft Auto 6“ („GTA 6“) соборува рекорди во индустријата за забава, а според процените на аналитичарите, нејзината продажба и преднарачките донеле приходи од милијарди долари, со што би можела да го оствари најуспешното лансирање во историјата на видеоигрите.

Според податоците на аналитичката платформа „Sensor Tower“, преднарачките и продажбата на првиот ден надминале 24,5 милиони примероци, со проценет приход од околу 2,36 милијарди долари, пренесува „BBC“.

Иако компанијата „Rockstar Games“, која ја развива играта, како и нејзината матична компанија „Take-Two“, не објавиле официјални податоци за продажбата, порачале дека интересот на купувачите е невиден.

„GTA 6“ е најновото продолжение на речиси три децении старата франшиза на видеоигри со криминална тематика, која стана една од најпопуларните во историјата на гејминг-индустријата.


Дејството на играта е сместено во Леонида, измислена сојузна држава инспирирана од Флорида, а играчите ја следат приказната на новите ликови, Лусија и нејзиниот партнер Џејсон, пар ситни криминалци.

Серијалот е познат по сатиричниот приказ на американското општество и таканаречениот американски сон, преку приказни за криминалот, парите и животот на улица.

Големо внимание привлекува и цената на развојот на играта. Се проценува дека во нејзината изработка се вложени повеќе од една милијарда долари, што, доколку процените се покажат како точни, би ја направило најскапата видеоигра некогаш создадена.


Одделни извештаи наведуваат дека заработката надминала една милијарда долари уште пред официјалното излегување, додека процените за приходите на денот на лансирањето достигнувале 1,65 милијарди долари. Меѓутоа, овие бројки не се официјално потврдени.

Големите очекувања се одразуваат и во оценките на критичарите за видеоигри. Медиумите што добиле можност порано да ја тестираат играта ѝ доделиле многу високи оценки, кои во одделни случаи достигнувале 99 од 100 бода.

Успехот на франшизата „GTA“ дополнително го потврдува популарноста на претходните изданија, а новото поглавје веќе се издвојува како еден од најголемите проекти во историјата на индустријата за видеоигри, пишува „tportal.hr“.