Нова надеж во лекувањето на ракот на панкреасот: Експериментален лек со ветувачки резултати

Точка

20/11/2026

15:46

236

Големина на фонт

а а а

Експерименталниот лек „дараксонрасиб“, кој се зема еднаш дневно во комбинација со хемотерапија, покажал ветувачки резултати во лекувањето на напреднат рак на панкреасот, бидејќи кај одредени пациенти довел до намалување, па дури и исчезнување на туморите видливи на снимките, покажаа резултатите од раното клиничко испитување.

Во испитувањето учествувале 61 пациент со напреднат рак на панкреасот, кој се проширил и на други органи, пренесе „Би-би-си“.

Кај околу 90 отсто од пациентите туморите престанале да растат, додека кај нешто повеќе од 60 отсто било забележано нивно намалување или исчезнување.


*КТ-снимки пред (лево) и по третманот со дараксонрасиб во комбинација со хемотерапија (гемцитабин и наб-паклитаксел), на кои се гледа дека неколкуте тумори веќе не се видливи. Жолтите стрелки ги означуваат туморите што биле видливи пред третманот

Кај приближно осум отсто од пациентите, односно кај еден од 12, туморите повеќе не биле видливи на КТ-снимките.

Истражувањето ги следело пациентите во просек една и пол година, а кај некои од нив болеста не се вратила во текот на тој период.

Сепак, лекарите предупредуваат дека резултатите не значат дека ракот е излекуван, бидејќи се потребни подолготрајни испитувања за да се утврди колку долго лекот може да ја држи болеста под контрола и дали може да доведе до трајна ремисија.

„Дараксонрасиб“ дејствува така што блокира одредени мутации на протеинот КРАС, односно промени што го поттикнуваат растот на туморите и се присутни кај повеќето случаи на рак на панкреасот.


Истражувачите сметаат дека овој пристап би можел да биде корисен и во лекувањето на други видови рак со слични мутации.

Организацијата „Cancer Research UK“ ги оцени резултатите како најголем напредок во лекувањето на ракот на панкреасот во последните неколку децении.

Истражувачите истакнуваат дека комбинацијата од новиот лек и хемотерапијата би можела да го продолжи периодот во кој болеста не напредува, а потенцијално и вкупното преживување на пациентите.

Ракот на панкреасот е еден од најтешките видови рак за лекување, а повеќето пациенти со напредната болест преживуваат со месеци, а не со години.

Фото: Би-би-си