Советот на ЕУ усвои заклучоци со кои ги повикува членките да ги зачуваат локалните игри и да им овозможат на повеќе деца и млади да учествуваат во нив.
Советот на Европската Унија денеска усвои заклучоци за зачувување на традиционалните спортови и игри. Членките се повикани да ги направат овие активности подостапни, особено за децата и младите.
Меѓу примерите што ги наведува Советот на ЕУ се ирскиот харлинг, чешкиот фудбал-тенис, финскиот пезепало и натпреварувачкото сечење дрва во Баскија. Советот посочува дека недостигот од средства и слабата видливост надвор од местата каде што се практикуваат го отежнуваат привлекувањето нови учесници.

Влечење јаже на традиционални игри во Шкотска (архивска фотографија). Фото: L E X commons (CC0 1.0). Кавер: Sgt. Sarla Dominguez / U.S. Army (јавен домен).
Предложените мерки вклучуваат внесување на игрите во националните регистри на културното наследство, поддршка на локалните здруженија и размена на искуства меѓу земјите. Советот ја повикува и Европската комисија да ги поддржи овие активности преку постојни иницијативи, меѓу кои Европската недела на спортот и „Еразмус+“.












