Клековски во посета на болницата во Кочани: Со поддршка на Амбасадата на Полска обезбедена нова медицинска опрема и инвестиции за унапредување на здравствените услуги

Макфакс

20/11/2026

16:50

137

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство Сашо Клековски ја посети Општата болница во Кочани по повод донацијата од „Polish Aid“ преку Амбасадата на Полска, обезбедувајќи нова медицинска опрема вредна 47 илјади евра, како и други инвестиции за подобрување на здравствените услуги и инфрастуктурата во регионот.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, денеска ја посети Општа болница во Кочани, по повод донацијата на „Polish Aid“, реализирана преку Амбасадата на Република Полска.

Станува збор за медицинска опрема наменета за оперативната сала, во вкупна вредност од 47 илјади евра, како што се: најсовремен операционен стол, компатибилен хистероскоп, операционо светло и друга хируршка опрема.

Од болницата информираат дека благодарение на новата опрема, во текот на вчерашниот ден биле извршени три операции.

Покрај ова, во ОБ Кочани се реализираат и други активности за унапредување на здравствената инфраструктура и услугите. Набавен е нов дигитален рендген-апарат, чија инсталација се очекува во наредниот период, а за одделот за физикална терапија е обезбедена современа медицинска опрема.

Исто така, на гинеколошко-акушерскиот оддел, со новите гинеколози е забележан значаен пораст на бројот на породувања. Дополнително, службата за итна медицинска помош е зајакната со две нови амбулантни возила, информираат од министерството.

-Модернизацијата на ОБ Кочани ќе ја анализираме заедно со Клиничката болница Штип. Источниот регион треба да се планира како целина – што се развива во Кочани, што во Штип и како двете болници меѓусебно се надополнуваат, наместо да се планира болница по болница, истакна министерот Клековски.

Министерот изрази благодарност до „Polish Aid“ и Амбасадата на Република Полска за поддршката, како и до Општина Кочани и целиот тим на Општата болница Кочани за нивната посветеност и ангажман во унапредувањето на здравствената заштита.