„BMW“ и „Mercedes“ развиле технологија на иднината, па набргу ја повлекле

Точка

20/11/2026

17:44

498

Големина на фонт

а а а

„BMW“ и „Mercedes“ ги повлекуваат системите за автономно возење од ниво 3 од своите најлуксузни автомобили, откако се покажало дека купувачите не се подготвени да издвојат илјадници евра за технологија што можат да ја користат само во ограничени услови.

Одлуката е мошне интересна бидејќи токму овие два германски производители беа меѓу пионерите во напредното автономно возење.

Нивните системи им овозможуваа на автомобилите во одредени ситуации целосно да го преземат управувањето, додека возачот можеше привремено да го тргне вниманието од сообраќајот.

Но високата цена и ограничената практична корист се покажале како сериозни пречки.


„BMW“ од обновената серија 7 и електричниот модел „i7“ го отстранил системот „Personal Pilot L3“, кој овозможувал автономно возење во сообраќаен метеж на одредени германски автопати, при брзини до 60 км/ч.

Проблемот е што оваа опција чинела приближно 6.000 евра, а можела да се користи само кога биле исполнети строго дефинирани услови.

Јоаким Пост, директорот за развој во „BMW“, објаснил дека интересот на купувачите не бил доволно голем за да ги оправда трошоците за развој и производство на таков систем.


Слична одлука донел и „Mercedes“, кој се откажал од системот „Drive Pilot“ во обновената С-класа. Неговата технологија овозможувала автономно возење до 95 км/ч во соодветни услови на германските автопати.

Двете компании сега се насочуваат кон напредни системи за помош на возачот од ниво 2, кои се поевтини и поприменливи во секојдневното возење.

„BMW“, на пример, веќе нуди систем што овозможува возење без држење на рацете на воланот при брзини до 130 км/ч. Автомобилот може дури и да предложи престигнување, кое возачот го потврдува со поглед во надворешниот ретровизор.


Сепак, разликата меѓу овие две нивоа на автоматизација е голема. Кај нивото 2, возачот мора постојано да го следи сообраќајот и е одговорен за управувањето, дури и кога автомобилот самостојно ја одржува брзината, правецот на движење или ја менува сообраќајната лента.

Кај нивото 3, системот во одредени услови ја презема задачата на возење, па возачот може привремено да престане да го надгледува сообраќајот, но мора да биде подготвен повторно да ја преземе контролата кога автомобилот ќе го предупреди.

Таквата технологија бара скапи лидарски сензори, дополнителни камери, радари и резервни безбедносни системи за управување, сопирање и напојување. Сето тоа значително ја зголемува цената на возилото.


Сепак, „BMW“ и „Mercedes“ не се откажале трајно од развојот на автономното возење. „BMW“ особено го следи напредокот на кинеските производители, додека двете компании продолжуваат да развиваат системи што можат да преземаат сè повеќе задачи во текот на возењето.

Проблемот веќе не е само во тоа што можат да направат автомобилите, туку и колку купувачите се подготвени да платат за тие можности. Засега се покажало дека повеќето попрво избираат попристапна технологија што можат да ја користат секојдневно, пренесува „B92“.