„Mazda CX-5“ го освои „Златниот волан 2026“

Точка

18/11/2026

11:51

1.158

Големина на фонт

а а а

„Mazda CX-5“ ја освои наградата „Златен волан 2026“ („Goldenes Lenkrad“), која ја доделуваат германските автомобилски списанија „Auto Bild“ и „Bild am Sonntag“.

Третата генерација на јапонскиот компактен SUV е прогласена за најдобар автомобил во категоријата до 35.000 евра, соопштија од компанијата.

Ова е шеста награда „Златен волан“ за „Mazda“, а претходната ја освои во 2019 година со моделот „CX-30“.

Жирито особено ги пофали пространоста на кабината, практичноста во секојдневната употреба и односот меѓу цената и опремата.


Новата „CX-5“ има багажник со зафатнина од 583 литри, подобрена удобност при возењето, автоматски менувач и интегрирани услуги на „Google“ во мултимедијалниот систем.

Кунихиро Шишима, потпретседател и генерален директор на Центарот за истражување, развој и дизајн на „Mazda Motor Europe“, истакна дека наградата е признание за заедничката работа на развојните и дизајнерските тимови во Јапонија и Европа.


Поголема, попространа и покомфорна

Третата генерација на „Mazda CX-5“ беше претставена на почетокот на 2026 година и носи еволуција на препознатливиот дизајн „Kodo“, повеќе простор во кабината и подобрена практичност.

Во однос на претходникот, вкупната должина на автомобилот и меѓуоскиното растојание се зголемени за по 115 милиметри. Со тоа е обезбеден повеќе простор за патниците на задните седишта и за нивниот багаж.


За погонот е задолжен 2,5-литарскиот бензински мотор „e-Skyactiv G“, во комбинација со благиот хибриден систем „Mazda M Hybrid“.

Моторот е унапреден за да обезбеди поголем вртежен момент при ниски и средни вртежи, што придонесува за помазно забрзување и подобар одзив при секојдневното возење.


Првата генерација на „CX-5“ беше претставена во 2011 година, а продажбата почна во 2012 година.

Тоа беше првиот сериски модел на „Mazda“ со технологијата „Skyactiv“ и дизајнерскиот јазик „Kodo“.

Втората генерација пристигна во 2016 година, додека третата го продолжи развојот на еден од најважните модели на јапонскиот производител.