Култниот „Mercedes C 111“ оди на аукција во Париз. Се очекува да достигне цена од повеќе десетици милиони евра.
„Mercedes C 111“ е историска икона. Штутгартскиот гигант никогаш не продал ниту еден од 17-те произведени прототипови. Сега планира да го направи тоа и, секако, очекува рекордна цена.
Моделот од 1970 година со ознаката „возило 33“ ќе биде понуден на аукција на 3 февруари 2027 година во Лувр, во Париз. Портпарол на „Mercedes“ изјавил дека компанијата очекува да го продаде за десетици милиони евра, пишува „DPA“.

„C 111“ е прототип на суперавтомобил со врати што се отвораат нагоре, налик на крилја. „Mercedes“ произвел 17 примероци: еден автомобил бил уништен при тестирање на судир, а три биле демонтирани уште во седумдесеттите години.
„Mercedes“ ги задржал сите преостанати 13 примероци и досега ниту еден не понудил на продажба.

Очигледно во интерес на ексклузивноста и цената, производителот се обврзал дека најмалку 25 години по аукцијата нема да продаде ниту еден од преостанатите примероци од колекцијата.
„C 111“ има централно поставен Ванкелов мотор со четири ротори и 350 коњски сили.

Автомобилот наменет за продажба во 2024 година бил изваден од конзервација и оспособен за возење.
„Mercedes“ планира целиот приход од продажбата да го вложи во развојот на својот музеј во Штутгарт, вклучително и во воведување виртуелна обиколка.

Штутгартскиот концерн и во изминатите години привлече огромно внимание со продажбата на неколку исклучително ретки автомобили.
На пример, во 2022 година, според сопствените наводи, продал еден од само двата постојни примероци на моделот „300 SLR Uhlenhaut“. Автомобилот бил продаден за 135 милиони евра, што дотогаш претставувало рекордна сума за продажба на автомобил.




















