„Bugatti“ ги прашал купувачите дали сакаат електричен автомобил: Одговорот изненадил

Точка

20/11/2026

08:13

479

Големина на фонт

а а а

Според најновите информации, „Bugatti“ е распродаден до 2027 година, а купувачите се сè помлади.

Кога ќе се спомене типичен сопственик на „Bugatti“, многумина замислуваат повозрасен милијардер кој со децении го гради своето богатство и во гаражата чува колекција скапоцени автомобили.

Меѓутоа, купувачите на францускиот производител на хиперавтомобили се сè помлади. Нивната просечна возраст се намалила од 52 на само 42 години.

Овој податок го открил Саша Деринг, директорот на „Bugatti“ за американскиот пазар, во разговор за „ABC News“. Според неговите зборови, интересот кај помладите и исклучително богати купувачи е сè поголем.

Сепак, новите купувачи не доаѓаат нужно како замена за постојните колекционери. Дури 35 отсто од купувачите поседуваат најмалку два автомобила од „Bugatti“, додека речиси 70 отсто од оние што го нарачале новиот „Tourbillon“ и претходно имале автомобил од оваа марка.

Еден неименуван колекционер од Северна Америка во својата гаража чува дури 14 автомобили од „Bugatti“.


Никој не бара целосно електричен „Bugatti“

Можеби најинтересното откритие е дека помладите купувачи не инсистираат на електрификација. На прашањето дали некој побарал целосно електричен „Bugatti“, Деринг одговорил кратко: „Не“.

Тоа потврдува дека одлуката на Мате Римац наследникот на „Chiron“ да задржи голем бензински мотор била во согласност со очекувањата на купувачите.

Новиот „Bugatti Tourbillon“ комбинира атмосферски 8,3-литарски мотор „V16“, развиен во соработка со „Cosworth“, и електромотори. Вкупната моќност на хибридниот систем изнесува дури 1.800 коњски сили.

Купувачите, очигледно, и понатаму ги сакаат звукот, карактерот и емоциите што ги носи големиот мотор, дури и кога станува збор за автомобил што користи електрификација.


Америка станува сè поважен пазар

Северна Америка има сè позначајна улога во работењето на „Bugatti“. Во изминатите 20 години на тој пазар биле испорачани 353 примероци од современите модели, додека само во текот на 2025 година на купувачите им биле испорачани околу 60 автомобили.

Уделот на Северна Америка во глобалната продажба пораснал од некогашните 20 до 25 отсто на денешните 35 до 45 отсто.

И покрај растот на побарувачката, „Bugatti“ не планира зголемување на производството. Компанијата моментално произведува околу 100 автомобили годишно, бидејќи ексклузивноста претставува важен дел од вредноста на брендот, а купувачите често ги гледаат овие автомобили и како инвестиција.


„Tourbillon“ веќе е распродаден, а првите испораки се очекуваат во текот на 2027 година. Купувачите што меѓу последните го нарачале овој хиперавтомобил ќе мора да чекаат приближно четири години.

Интересно е што „Bugatti“ не е единствениот производител на луксузни автомобили што привлекува сè помлади купувачи.

Просечниот купувач на „Rolls-Royce“ денес има околу 40 години, додека и „Bentley“ бележи сè поголем интерес кај помладите богаташи.