Пијанистката Огненка Герасимовска-Димитровска ќе одржи јубилеен солистички концерт во Скопје, со што ќе одбележи 25 години концертна дејност исполнета со бројни настапи, меѓународни соработки и придонес во македонската музичка сцена.
Пијанистката Огненка Герасимовска-Димитровска ќе одржи јубилеен солистички концерт на 24 ноември 2026 година, во 20 часот, во Музејот на ВМРО во Скопје. Концертот е посветен на 25 години концертна дејност — уметнички пат исполнет со солистички и камерни настапи, меѓународни соработки и посветеност на македонското музичко творештво.
Јубилејот е повод за средба со публиката и за споделување на музиката што ја обележува нејзината изведувачка дејност. Како гостинка на концертот во изведба на четирирачно пијано ќе настапи и пијанистката Викторија Митеска-Малезан.
Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Огненка Герасимовска-Димитровска е македонска концертна пијанистка, педагог и истражувачка во областа на музичката интерпретација. Дипломските и магистерските студии по пијано ги завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Борис Романов, со највисок просек и признание cum laude. Докторира во областа на музичките уметности под менторство на проф. д-р Томе Манчев и проф. Волфганг Манц од Нирнберг.
Нејзината концертна дејност опфаќа бројни настапи во земјата и во странство, меѓу кои во Лондон, Рим, Виена, Истанбул, Леон, Хаг, Утрехт, Нирнберг и Белград. Настапувала на фестивалите „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Интерфест Битола“, „Есенски музички свечености“ и „Денови на македонската музика“. Како солистка соработувала со Македонската филхармонија и со Истанбулскиот камерен оркестар, а камерната музика зазема значајно место во нејзиниот репертоар и уметничките соработки.
Добитничка е на повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои прва награда на натпреварот „Николај Рубинштајн“ во Париз, лауреатско признание на натпреварот на ЕПТА во Осиек и трета награда на натпреварот „Карл Дрексл“ во Нирнберг. Прогласена е и за најдобар дипломиран студент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Покрај концертната дејност, активно се занимава со педагошка и научноистражувачка работа. По долгогодишниот ангажман во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и на Факултетот за музичка уметност во Скопје, денес работи како доцент на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Авторка е на монографијата „Академик Властимир Николовски и неговиот концерт за пијано и оркестар“ и на научни трудови посветени на музичката интерпретација, педагогијата и македонското музичко наследство.












