Едно ситно морско суштество има способност што со децении ги интригира научниците: кога е под стрес или во неповолни услови, може да го врати својот животен циклус „наназад“ и од возрасен организам повторно да премине во ран стадиум на развој.
Станува збор за медузата „Turritopsis dohrnii“, позната како „бесмртната медуза“. Нејзините извонредни способности за регенерација отвораат нови прашања за стареењето, обновувањето на клетките и за самата природа на смртта.
Загатката на генетските и молекуларните процеси
Овој речиси проѕирен морски организам е исклучително отпорен. Морскиот биолог Марија Миљета од Универзитетот „Texas A&M“ во Галвестон го изложувала на различни екстремни услови: ги сечела и ги варела медузите, ги оставала без храна, ја зголемувала концентрацијата на сол во аквариумот, па дури ги ставала и во слатка вода, пренесува „BBC“.
Сепак, овие необични суштества секојпат успевале да го преживеат она што за многу други организми би било фатално.
Кога се под силен стрес, медузите престануваат да се движат и паѓаат на дното на аквариумот. Тогаш почнува процесот што особено ги фасцинира научниците. Телото се преобразува во топчеста маса од клетки што воопшто не личи на возрасната медуза со нејзиното препознатливо заоблено тело и пипала.
Во рок од еден до три дена, од таа маса почнува да се формира полип, еден од раните стадиуми во развојот на медузата. Полипот потоа се развива во колонија, од која со текот на времето се појавуваат нови возрасни медузи.
„Од една медуза што не умира добивате колонија од која можат да произлезат уште стотици единки“, објаснува Миљета.
Секоја од тие нови медузи, барем теоретски, може повторно да помине низ истиот процес на „подмладување“. Тоа укажува дека враќањето во претходните фази од животот би можело да се повторува речиси без ограничување.
Токму оваа способност го привлече вниманието на истражувачите, кои сега се обидуваат да откријат кои генетски и молекуларни процеси ѝ овозможуваат на „Turritopsis dohrnii“ да го врати својот животен циклус наназад.
Нивната цел не е да најдат начин постарите луѓе да ги „претворат во бебиња“, што спаѓа во доменот на научната фантастика. Тие сакаат да откријат дали човечките клетки и ткива еден ден би можеле да се поттикнат да се вратат во помлада состојба, во која подобро би ја извршувале својата функција.
Таквото откритие би можело да отвори нови можности за заздравување на раните, обновување на оштетените ткива и лекување на болестите поврзани со стареењето.

Способноста првпат била забележана во 1992 година
„Мислам дека најголемиот придонес на ваквите истражувања би бил во регенеративната биологија: да се најде начин да се поправат оштетувањата и да се врати функцијата што се губи со стареењето“, вели Мајкл Колдобски, педијатриски онколог и лекар истражувач на Универзитетот „Johns Hopkins“.
Тој, сепак, предупредува дека има уште долг пат до примена на овие сознанија кај луѓето. Но, разбирањето на организмите што развиле вакви механизми во текот на милиони години еволуција би можело да донесе значајни резултати.
Способноста на „бесмртната медуза“ првпат била забележана во 1992 година. Италијански научник ги проучувал овие суштества во лабораторија, но еден викенд заборавил да ги нахрани. Кога се вратил, очекувал да ги најде мртви. Наместо тоа, во садот забележал нови полипи.
Необичниот настан го привлекол вниманието на Стефано Пираино од Универзитетот во Саленто, Италија. Тој почнал да истражува како возрасна медуза може да се врати во порана фаза од развојот.

При вообичаениот развој на ембрионот, матичните клетки се размножуваат и постепено се претвораат во нервни, мускулни и други специјализирани клетки од кои е изграден организмот. Откако ќе преземат одредена функција, тие главно ја задржуваат сè додека не остарат и не изумрат.
Пираино, меѓутоа, открил дека при „подмладувањето“ на „Turritopsis dohrnii“, во одредени ткива на возрасната медуза се одвива процес познат како трансдиференцијација. Веќе специјализираните клетки се враќаат во недиференцирана состојба, слична на онаа на матичните клетки. Потоа можат да се развијат во други видови клетки што се потребни за формирање на полипот.
„Зрелите клетки стануваат недиференцирани, а потоа се претвораат во нешто друго, што е потребно за да се формира полипот“, објаснува Марија Миљета, која претходно работела во лабораторијата на Пираино.
Можноста да се врати во порани фази од развојот ѝ го донела на оваа медуза прекарот „бесмртна“. Според досегашните сознанија, нејзината способност е единствена појава во животинското царство.
Некои гуштери, црви и водоземци можат да обноват изгубени или повредени делови од телото. Но, ниту еден од нив не може да го врати развојот на целиот возрасен организам наназад на начинот на кој тоа го прави „Turritopsis dohrnii“.

„Нема да почнеме од почеток, но …“
Истражувачите се обидуваат да утврдат кои гени им овозможуваат на клетките на оваа медуза да се вратат во порана состојба. Крајната цел е да најдат своевиден молекуларен „прекинувач“ што го контролира процесот.
Колдобски смета дека, ако се утврди дека сличен механизам постои и кај луѓето, можеби би било можно да се активира и така да се поттикнат човечките клетки да се вратат во помлада состојба.
„Нема повторно да се смалиме до ембрион и да почнеме од почеток, но мислам дека на ниво на органи и ткива тоа е сосема можна перспектива“, објаснува тој.
Едно истражување од 2022 година даде дополнителни траги. Научниците ги споредиле гените на „Turritopsis dohrnii“ со гените на сроден вид кај кој досега не е забележана способност за „подмладување“. Сепак, молекуларниот биолог и биоинформатичар Виктор Кесада од Универзитетот во Овиедо, Шпанија, предупредува дека не може со сигурност да се тврди дека и другиот вид ја нема оваа способност. Многу медузи сè уште не се доволно проучени.

Споредбата покажала дека ДНК на „бесмртната медуза“ содржи повеќе копии од гените што го кодираат создавањето протеини кои помагаат да се поправат мутациите и другите оштетувања на ДНК што се натрупуваат со стареењето.
Оваа медуза има и повеќе копии од гените што учествуваат во одржувањето на теломерите. Тоа се заштитни делови на ДНК на краевите на хромозомите, кои го штитат генетскиот материјал од оштетување.
Теломерите обично се скратуваат со стареењето, поради што ДНК станува поподложна на оштетувања. Според Кесада, способноста на „бесмртната медуза“ да ги одржува и обновува теломерите би можела да биде еден од важните фактори за нејзината долговечност.
Истражувачите, сепак, нагласуваат дека ова е само почеток во разбирањето на нејзините способности за регенерација и на можноста дел од тие сознанија еден ден да се применат кај луѓето.
„Кај многу болести тргнуваме од претпоставката дека нема враќање назад. Можеби сепак постои начин состојбата да се промени ако научиме доволно за тоа како функционираат овие механизми“, вели Кесада.

Во природата се соочува со бројни закани
Колку и да изгледа неверојатна нејзината способност за „подмладување“, „Turritopsis dohrnii“ сепак не е неуништлива.
Марија Миљета вели дека во нејзината лабораторија има единки што, од непознати причини, воопшто не успеваат да го започнат овој процес. Дури и кај оние што можат да го направат тоа, можно е да постои граница на бројот на циклуси низ кои можат да поминат пред на крајот да угинат од старост.
На научниците им е тешко да утврдат колку долго можат да живеат овие медузи, бидејќи не е едноставно да се одржуваат во лабораторија. За да преживеат, очигледно им се потребни специфични услови.
Во природата се соочуваат со бројни закани што можат да ги усмртат. Меѓу нив се променливата достапност на планктонот со кој се хранат, предаторите и алгите што можат да ги прекријат и да ги задушат нивните колонии.
Марија Пасквал-Торнер од Институтот за морски науки во Шпанија, која заедно со Кесада учествувала во истражувањето од 2022 година, смета дека токму тука лежи важната поука.
„Иако има способност да се ’подмлади‘ и теоретски не мора да умре од старост, таа истовремено е исклучително ранлив организам“, објаснува Пасквал-Торнер.
Како што истакнува таа, „бесмртната медуза“ нè потсетува дека животот и смртта се неразделни. Дури и организам што развил способност да се врати во младоста и да го избегне природниот тек на стареењето, сепак не може засекогаш да ѝ избега на смртта.
















