Македонското езеро Козјак се најде на неочекувано место, и тоа илјадници километри оддалечено од Македонија. Препознатливиот пејзаж на езерото, опкружено со планини, го привлече вниманието на наш иселеник кој живее во Шведска, откако сосема случајно го забележал на пакување производ за лична хигиена од популарниот шведски бренд „Family Fresh“.
Станува збор за производот „Classic 3 in 1“, гел за миење тело, коса и лице, кој, според сведочење на наш иселеник, е меѓу најпродаваните производи од овој тип во Шведска, пишува „Скопје 1“.
Она што особено му го привлече вниманието е фотографијата на предната страна од пакувањето, на која веднаш го препознал пејзажот на македонското езеро Козјак. Наместо некоја од познатите скандинавски природни убавини, на амбалажата се нашол мотив од Македонија, што за него било вистинско изненадување.

„Живеам во Шведска и случајно налетав на еден шведски шампон, многу популарен тука, најпродаван е. На предната страна искористиле слика од Козјак“, напишал тој.
Производот е наменет за секојдневна нега, а според информациите на пакувањето, има мирис на цитрус и сандалово дрво. Интересен е и податокот дека на амбалажата стои ознака дека е произведен во Скандинавија, додека зад неговиот визуелен изглед, барем според препознавањето на нашиот читател, се крие македонски природен пејзаж.
Козјак, едно од највпечатливите вештачки езера во Македонија, познато по својата тиркизна вода, стрмните планински падини и впечатливата природна околина, очигледно оставило доволно силен визуелен впечаток за да се најде и на производ што се продава на шведскиот пазар.
Оваа необична случајност е уште еден интересен пример како македонските природни убавини можат да се најдат на места на кои најмалку би очекувале, па дури и на полиците во продавниците во далечна Шведска.








