Мајкл Џексон, Елвис Присли, Принс и Мерилин Монро се само дел од познатите уметници чие наследство и по нивната смрт носи значителни приходи.
Кога ќе почине уметник кој зад себе оставил милионско богатство, управувањето со неговиот имот станува важно прашање. Се наследуваат и авторските права на неговите дела, кои продолжуваат да носат приходи и по неговата смрт.
Предмет на наследување може да биде и дигиталниот имот, односно сè што постои во дигитална форма и за кое постои одредено право или дозвола за користење.
Според податоците на „Forbes“, од октомври 2022 до септември 2023 година, наследството на Мајкл Џексон донело повеќе од 115 милиони долари од авторски права и други извори. Високо на листата се најде и Елвис Присли, со заработка од 100 милиони долари. Двајцата убедливо предничеле меѓу починатите славни личности според остварените приходи.
На листата не се само пејачи. Наследството на Реј Манзарек, покојниот клавијатурист на групата „The Doors“, донело 45 милиони долари за една година. На листата се најдоа и други уметници, меѓу кои д-р Сус, Чарлс М. Шулц, Витни Хјустон, Џон Ленон, Боб Марли и Бинг Крозби.
И покрај високите суми, „Forbes“ наведува дека нивните вкупни приходи се намалиле за 70 отсто во споредба со претходната година.
Елвис Присли (100 милиони долари)
Елвис Присли, кралот на рокенролот, остави богато наследство. И речиси половина век по неговата смрт, титулата крал сè уште се исплаќа. Во 12-те месеци опфатени со извештајот, Грејсленд, домот на Присли во Мемфис, Тенеси, го посетиле околу 600.000 луѓе. Имотот има повеќе извори на приходи, меѓу кои продажбата на влезници и сувенири.
По смртта на единствената ќерка на Елвис, Лиза Мари Присли, која почина во јануари 2023 година од срцев застој, неговата поранешна сопруга Присила и внуката Рајли Киу влегоа во правен спор за управувањето со два имоти. На крајот, тогаш 34-годишната актерка стана единствена наследничка на двата имоти.

Мајкл Џексон (115 милиони долари)
Лиза Мари беше во брак и со поп-легендата Мајкл Џексон. Тој имаше три деца: синовите Принс и Мајкл Џозеф Џуниор и ќерката Парис, кои добиваат приходи од авторските права.
Кралот на попот се врати на врвот на листата на починати славни личности со најголема заработка, првпат од 2019 година. За тоа придонесе бродвејскиот хит „MJ: The Musical“, кој во разгледуваниот период остварил околу 85 милиони долари од продажба на влезници.
Милионски приходи носи и „Michael Jackson ONE“, претставата на „Cirque du Soleil“ во Лас Вегас.
Во тогашниот извештај се очекуваше приходите да продолжат да растат. Наследниците веќе имаа потпишано договор за биографскиот филм „Мајкл“, во режија на Антоан Фукуа, со внукот на Џексон, Џафар, во главната улога.

Принс (30 милиони долари)
Принс го нарекол задгробниот живот „свет на бескрајна среќа“. За неговите наследници и за „Primary Wave“, компанијата што има удел во приходите од авторските права, неговото музичко наследство значи и можност за објавување уште музика. По смртта на Принс во 2016 година, беа објавени три постхумни албуми.
Во периодот опфатен со извештајот излезе и ремастерирано издание на неговиот класичен албум „Diamonds and Pearls“ од 1991 година. Колекционерското издание содржи 47 дотогаш необјавени песни и часови концертни снимки што публиката претходно немала можност да ги види.

Витни Хјустон (30 милиони долари)
Витни Хјустон во 2024 година би наполнила 61 година, а нејзините обожаватели, како што вели и нејзината најпозната песна, секогаш ќе ја сакаат. Во периодот опфатен со листата, нејзиното наследство ја забележало најуспешната година дотогаш, благодарение на биографскиот филм и на неколку соработки со брендови.
Филмот „Витни Хјустон: Сакам да танцувам со некого“, кој излезе во декември 2022 година, заработи речиси 60 милиони долари низ светот. „MAC Cosmetics“ објави и колекција шминка во соработка со управителите на нејзиното наследство. Со него управуваат нејзината снаа Пет Хјустон и „Primary Wave“. И поранешниот сопруг и ќерката на Витни Хјустон се починати.

Џон Ленон (22 милиони долари)
„The Beatles“ можеби сфатија дека „со пари не може да се купи љубов“, но ако погрешиле, наследството на Џон Ленон има што да понуди. Редовни приходи носат и правата на неговата соло музика и неговиот удел во музичкиот каталог на групата.
Каталогот и натаму се проширува. Последната заедничка песна на групата, „Now and Then“, беше објавена со помош на вештачка интелигенција, врз основа на една од демоснимките на Ленон од седумдесеттите години на минатиот век.

Мерилин Монро (10 милиони долари)
Ликот на Мерилин Монро и натаму поставува трендови во модата и дизајнот, повеќе од шеесет години по нејзината смрт. Лиценцирањето на нејзиниот лик и продажбата на производи поврзани со филмската икона донеле милионски приходи. Меѓу нив се колекцијата на НФТ создадена со „Zeblocks“, вештачките трепки, ноктите за лепење и линијата долна облека.











