Модната дизајнерка и инфлуенсерка Љупка Митрова вчера со голема забава го одбележа вториот роденден на своето модно студио „Mitroff“ во Струмица, а вечерта ја искористи и за да покаже две впечатливи модни креации од сопствениот дизајн.
Љупка ги пречека гостите во долг фустан со тантела и тул, со раскошен изглед инспириран од барокната естетика. Подоцна се пресоблече во сосема поинаква, но подеднакво впечатлива комбинација – краток бел минималистички фустан од тантела, дополнет со црвени жартиери, со кој привлече особено внимание.
Наместо класична роденденска торта, за оваа пригода имаше тирамису со свеќичка, која Љупка ја дувна насмеана и расположена, опкружена со гостите и најблиските.
На прославата присуствуваа и познати имиња од македонската естрада, како Катарина Ивановска, Тамара Тодевска, Сергеј Варошлија и Калтрина Круезиу, како и соработници и пријатели со кои дизајнерката ја сподели радоста од овој важен момент за нејзиниот моден бренд.



Сепак, најголемата поддршка и овојпат ѝ беше семејството. До неа беа нејзините ќерки, сопругот Георги, мајка ѝ, брат ѝ и татко ѝ, кои заедно со неа го прославија успехот и двегодишното постоење на „Mitroff“.
Дел од атмосферата, подготовките и моментите од забавата Љупка сподели и на својот Инстаграм профил, каде што објави фотографии и видеа од вечерта.
А дека забавата била долга и исполнета со многу дружење, покажа и една интересна Инстаграм стори-објава. Дел од гостите пристигнале дури откако прославата веќе завршила, па Љупка, нејзината ќерка Елена, сопругот Георги и Сергеј Варошлија биле забележани како седат на скалите во модното ателје и одмораат по забавата.



















