Според истражување на научници од Универзитетот во Минесота, млекото од соја по својот нутритивен состав е најслично на кравјото млеко.
Она што почна како производ наменет за вегани и за лица со нетолеранција на лактоза, за многумина стана незаменлив дел од секојдневието. Продажбата на овесниот напиток доживеа вистински подем во последните десет години. Напитокот го осмислил шведскиот научник за храна Рикард Есте во почетокот на деведесеттите години, а во 1994 година станал коосновач на компанијата „Oatly“.
Во Велика Британија денес речиси секоја десетта испиена чаша млеко е всушност растителна замена, додека пред само десет години тој сооднос изнесувал една чаша на сто.
Индустријата за овесни напитоци денес вреди повеќе од 300 милиони евра и учествува со 40 отсто во вкупната продажба на растителни напитоци во Обединетото Кралство.
Сепак, експертите предупредуваат дека токму оваа најпопуларна замена би можела да биде и најмалку здрава. Нутриционистите посочуваат дека за оние што сакаат да ги избегнуваат млечните производи има подобри замени од овесниот напиток, а како главни проблеми ги наведуваат високата содржина на шеќер и додадените масла.
Овие предупредувања уследија откако Врховниот суд пресуди дека компаниите не смеат да ги означуваат овие производи како „млеко“, со што заврши долгогодишниот правен спор меѓу водечките компании на пазарот, како „Oatly“, и млечната индустрија.

Роб Хобсон, нутриционист од Брајтон, ја коментираше одлуката:
„Појасното означување може да помогне да се избегне забуна и да се направи правична споредба. Од нутритивен аспект, овесниот напиток и кравјото млеко се многу различни производи. Кравјото млеко природно е богато со висококвалитетни протеини, јод, калциум и витамин Б12. Овесниот напиток обично содржи помалку протеини и често дополнително се збогатува за да достигне соодветно ниво на калциум и витамини од групата Б.“
Хобсон додаде дека овие напитоци содржат и додадени шеќери и масла, особено таканаречените „barista“ и ароматизираните верзии.
Варијантите „barista“ на овесните напитоци, кои се користат во многу кафулиња, содржат само околу 10 отсто овес. Остатокот го сочинуваат вода, масла и емулгатори, кои ги одржуваат состојките соединети и овозможуваат при загревање да се создаде пена, слично како кај кравјото млеко.
Иако овесот во природна форма, на пример во овесна каша, се препорачува за намалување на холестеролот поради високата содржина на растителни влакна, преработениот напиток би можел да има спротивен ефект.
Д-р Оливер Гутман, консултант кардиолог во болницата Велингтон во Лондон, предупредува дека маслата додадени во овесните напитоци може да придонесат за зголемување на нивото на холестерол ако овие напитоци се консумираат во прекумерни количини.

„Кога се јаде како каша, овесот со текот на времето може да го намали холестеролот бидејќи содржи многу растителни влакна, а тие го намалуваат нивото на холестерол. Сепак, пенестиот овесен напиток со повисока содржина на масти би можел да го покачи холестеролот ако се пие во преголеми количини“, објасни Гутман.
Експертите предупредуваат и дека високата содржина на шеќер може да биде штетна за здравјето.
Наглите скокови на нивото на гликоза, кои настануваат кога во крвотокот има повеќе шеќер отколку што клетките можат да искористат за енергија, се проследени со нагли падови што можат да предизвикаат ненадејно чувство на глад. На долг рок, честите скокови на гликозата се поврзуваат со развој на дијабетес тип 2 и срцеви заболувања.
На пример, еден популарен овесен напиток содржи вода, овес (10 отсто), масло од маслодајна репка, регулатор на киселоста, минерали како калциум карбонат и калиум јодид, сол, како и витамини Д2, Б2 и Б12. Во 100 милилитри од овој напиток има 3,4 грама шеќер.
„Иако долго време се сметаше дека заситените масти неповолно влијаат врз холестеролот, сè повеќе се препознава дека и шеќерите во исхраната можат да влијаат врз неговото ниво“, вели нутриционистката Сара Каролајдис.
„Тоа би можело да објасни зошто некои луѓе велат дека нивото на холестерол им се намалило откако престанале да пијат овесен напиток“, додаде таа.

Млекото од соја како подобра алтернатива
Наместо овесниот напиток, експертите како најдобра алтернатива го препорачуваат млекото од соја.
Според истражување на научници од Универзитетот во Минесота, млекото од соја по својот нутритивен состав е најслично на кравјото млеко. Има малку калории и заситени масти, а содржи растителни протеини за кои истражувањата укажуваат дека можат да бидат корисни за здравјето.
Се произведува со потопување и мелење зрна соја, а производите што се продаваат често дополнително се збогатуваат со хранливи материи, како што се витамините Б2, Б12 и Д, калциум и јод. Сепак, можат да содржат и додадени засладувачи и сол.
Истражувањата укажуваат дека изофлавоните, природни соединенија што се наоѓаат во сојата, може да бидат поврзани со помал ризик од рак на дојката и со побавна појава на знаците на стареење.
Токму поради овие соединенија, кои имаат одредени својства слични на естрогенот, долго време опстојувал митот дека консумирањето соја предизвикува феминизација кај мажите. Сепак, научните истражувања не го потврдуваат тоа тврдење. На пример, преглед на 38 клинички студии не покажал негативни ефекти од консумирањето соја кај мажите.
„Млекото од соја со векови се пие во Азија и е најдобрата растителна замена, бидејќи по својот нутритивен состав е најслично на кравјото млеко“, заклучи лондонската нутриционистка Клементина Вон.













