Отпорноста на бактериите на антибиотици, која во Европската Унија предизвикува околу 35.000 смртни случаи годишно, станува сè пораспространета.
Тоа ги засилува повиците за посеопфатен пристап во справувањето со еден од најголемите предизвици за јавното здравје, предупредуваат експертите.
„Отпорност на антибиотици настанува кога лековите што вообичаено ги користиме за сузбивање на микроорганизмите повеќе не делуваат против нив“, објасни Фиона Волш, професорка на Универзитетот во Мејнут, Ирска.

Нејзиното истражување е насочено кон отпорноста во контекст на здравјето на луѓето и животните и состојбата на животната средина, пренесува „Euronews“.
Научниците предупредуваат дека влијанието на антимикробната отпорност врз здравјето може да се спореди со вкупното влијание на грипот, туберкулозата и ХИВ.

Последиците може да бидат особено сериозни за пациентите заразени со бактерии отпорни на повеќе видови лекови. Лекарите понекогаш мора да комбинираат неколку антибиотици за да ја излекуваат инфекцијата, но во одредени случаи ни таквите комбинации не даваат резултат.
Студија објавена во списанието „Lancet“ предвидува дека антимикробната отпорност кај бактериите би можела директно да предизвика 39 милиони смртни случаи низ светот во периодот од 2025 до 2050 година.

Меѓу факторите што придонесуваат за ширење на отпорноста се прекумерната употреба на антибиотици кај луѓето, нивната примена кај животните, лошите санитарни услови и загадувањето на животната средина.
Бактериите, како и генетскиот материјал што им овозможува отпорност на антибиотици, можат да се пренесуваат меѓу луѓето, животните и животната средина.

Затоа истражувачите сè почесто го применуваат пристапот „Едно здравје“ („One Health“), кој поаѓа од сознанието дека здравјето на луѓето е неразделно поврзано со здравјето на животните и со состојбата на животната средина.
Добрата вест е дека постојат многу различни начини за уништување на бактериите и другите микроорганизми, посочи Волш. Вакцините можат да го намалат бројот на инфекции, а со тоа и потребата од антибиотици.











