Види Вака го промовираше документарниот филм „До први“, во кој пратеничката Моника Зајкова го прифати предизвикот седум дена да живее со минимална плата. Преку ова лично искуство филмот ја прикажува реалноста на секојдневниот живот со минимални примања и ги отвора прашањата за тоа дали со минималните примања може да се обезбеди достоинствен живот.
„Сите ние тука чекаме да дојде први, ја чекаме својата плата. Некој ја чека за да живее до следниот први, а некој за да преживува до следниот први. Затоа што некои плати се важни, но некои плати се поважни од другите“, истакна Христина Ѓорѓиевска Илиевска, главна и одговорна уредничка на Види Вака.
Документарниот филм „До први“ е снимен со идеја животот на еден пратеник да се прикаже низ призмата на работник што располага со минимална плата. Во текот на седум дена, пратеничката Моника Зајкова се стави во чевлите на работниците и се соочи со изборите, ограничувањата и одрекувањата што ги носи секојдневието со минимални примања.
Идејата за овој општествен експеримент произлезе од потребата реалноста на работниците да се прикаже преку лично искуство, наместо само преку статистики и бројки. Филмот ги отвора прашањата за тоа колку минималната плата може да ги покрие основните животни потреби, од сметки и храна до превоз и трошоци за семејството. Преку приказната на Зајкова, „До први“ ја приближува реалноста на илјадници работници до јавноста и до оние што креираат политики и носат одлуки.
На проекцијата беа поканети сите 120 пратеници во Собранието, со цел да ја погледнат приказната и одблиску да се запознаат со предизвиците со кои се соочуваат работниците. Сепак, ниту еден од поканетите пратеници не присуствуваше на проекцијата.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) посочуваат дека минималната плата е една од најзначајните теми во синдикалната борба за достоинствен труд. Растечките цени на храната, сметките и другите основни животни потреби дополнително го отежнуваат секојдневието на работниците, чии примања не го следат растот на трошоците за живот.
„Работниците не можат да си ги дозволат ниту основните прехранбени производи за своите семејства со вака ниските плати“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
По повод одбележувањето на 80 години од постоењето на Сојузот на синдикатите на Македонија, Види Вака доби благодарница за придонесот во подигнувањето на свеста за работничките права.
Филмот е реализиран од тимот на Види Вака. Сценариото е на Мите Кузевски, новинарската работа ја потпишуваат Љубица Анѓелкоска и Ангела Петровска, снимател е Лоран Бајрами, а монтажер Никола Јакимов. Главна и одговорна уредничка е Христина Ѓорѓиевска Илиевска. Продуценти на филмот се Горан Игиќ и Мите Кузевски. Документарниот филм е поддржан од Меѓународниот центар „Олоф Палме“.
Со документарниот филм „До први“, Види Вака отвора простор за разговор за минималната плата, работничките права и условите за достоинствен живот, поставувајќи го прашањето: дали е доволно да се работи цел месец ако платата не е доволна за да се живее од први до први?
















