Либерално-демократската партија (ЛДП) ја критикува бездејноста на владата во однос на скандалите поврзани со коалициониот партнер Петар Богојески, истакнувајќи говор на омраза, нарушување на законите и барајќи брза реакција и санкционирање на прекршоците.
Безобразието, мизогинијата и отвореното дивјаштво на коалициониот партнер на власта, Петар Богојески, ја преминуваат секоја граница на нормалноста и влегуваат во зоната на директно загрозување на јавната безбедност и човечките права, истакнуваат од ЛДП.
„Само неколку дена по скандалозните повици за „машки надзор“ и оправдување на насилството, истиот овој лик излегува со бесрамна лавина навреди, нарекувајќи ги жените и активистките кои протестираа против фемицидите „хистерични кучкарки“, „булумента“ и „багра“. И додека овој политички експонент слободно се расфрла со говор на омраза, тој во исто време со гордост објавува видео како управува со возило во сообраќајот, снимајќи се и свесно кршејќи ги законските прописи за безбедност на патиштата! Во Либерално-демократската партија (ЛДП) очекувавме експресна реакција на Владата, а добивме 24 часовен молк, односно премолчено одобрување“.
Прашуваат како што велат, со целиот народ: Каде се сега министерките во Владата да кажат збор за својот коалиционен партнер? Каде е министерката за образование и науката – зар овој институционален и морален дебакл не ја допира? Поважен ли комфорот на власта од страдањето на сограѓанките? Каде се министерот за одбрана и Воената академија да го суспендираат овој човек веднаш?
Според ЛДП, ова не е слобода на говор туку чист говор на омраза и директен чекор до насилство кое, како што нагласуваат, не смее да се промовира пред студентите, кадетите и идните војници.
„Каде е министерот за внатрешни работи и сообраќајната полиција веднаш да објават дека веќе го казниле за несовесно возење и снимање зад воланот?
Како е можно за обичниот народ да функционира секој системот за контрола, да ги снимаат до Сејф сити, додека за коалиционите партнери на власта важат само привилегии, дрскост и целосно беззаконие? Дали власта чека нова жртва на фемицид или кобна сообраќајна несреќа предизвикана од ваква неодговорност за конечно да си го дисциплинира партнерот согласно законите“.
Според партијата, ова секојдневно лудило длабоко го разгорува гневот кај граѓаните.
ЛДП и народот бараат итна реакција од сите институции, санкционирање на сообраќајните прекршоци и јавно оградување од овие срамни испади – бидејќи, како што велат, молчењето на власта значи само едно: одобрување на насилството и беззаконието.












