Македонскиот Безбеден град прогласен за најдобар во категоријата сообраќајна безбедност на самитот во Дубаи

Макфакс

10/11/2026

12:40

372

Големина на фонт

а а а

Министерството за внатрешни работи со проектот „Безбеден град“ ја освои првата награда за извонредност во сообраќајната безбедност на Светскиот полициски самит во Дубаи, потврдувајќи го успехот на Македонија во спроведувањето современи реформи и унапредување на безбедноста на патиштата.

Министерството за внатрешни работи со проектот „Безбеден град“ го освои првото место во категоријата „Извонредност во сообраќајната безбедност“ на Светскиот полициски самит во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати. Овомеѓународно признание денеска на прес-конференција го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, презентирајќи ги резултатите од примената на системот и постигнатиот напредок во сообраќајната безбедност.

Македонскиот проект беше избран за најдобар во конкуренција со Полицијата на Сингапур, Полицијата на Абу Даби, Управата за патишта и транспорт на Дубаи и полициската служба од индиската држава Махараштра. За наградите на Светскиот полициски самит пристигнале повеќе од 700 номинации од над 60 држави во 13 категории, а изборот на победниците се спроведува преку независно стручно оценување, интервјуа и детална проценка на технолошките и оперативните резултати.

„Кога почнавме со „Безбеден град“, многумина се сомневаа дека конечно ќе профункционира систем за кој со години се зборуваше. Денес имам чест да ви соопштам до каде стигнавме на тој план. Македонија го освои првото место во категоријата за извонредност во сообраќајната безбедност на Светскиот полициски самит во Дубаи“, истакна министерот Тошковски.

Тој нагласи дека ова признание претставува потврда дека и Македонија има капацитет да спроведе современи реформи и да постигне резултати препознаени на меѓународно ниво.

„Знаеме што значи Сингапур кога се зборува за функционална администрација и технолошки развој. Знаеме што значат Дубаи и Абу Даби во примената на технологијата во сообраќајот. Но, ние покажавме дека и Македонија има капацитет да постигне резултат што ќе биде препознаен во светот“, посочи Тошковски.

Министерот потсети дека „Безбеден град“ со години бил проект за кој се зборувало, но не бил целосно ставен во функција. Со спроведените законски измени, дигиталното поврзување на институционалните постапки и воспоставувањето автоматизиран систем за контрола, создадени се услови за доследна примена на сообраќајните правила и еднаков третман на сите учесници во сообраќајот.

Резултатите покажуваат значително намалување на бројот на загинати и тешко повредени лица. Во периодот јануари–октомври 2026 година на македонските патишта загинале 85 лица, наспроти 117 во истиот период од 2025 година и 119 во 2024 година. Тоа се 32 помалку загинати во однос на минатата година, односно намалување од 27,4 проценти.
Истовремено, бројот на тешко повредени лица е намален на 748, наспроти 872 во 2025 година, што претставува 124 помалку тешко повредени, односно намалување од 14,2 проценти.

Особено значајна е споредбата за периодот февруари–октомври, од почетокот на примената на системот, кога бројот на загинати е намален од 108 на 74 лица, односно 34 помалку загинати или намалување од 31,5 проценти.

Тошковски истакна дека овие резултати се постигнати преку заедничкото дејствување на „Безбеден град“, засилените полициски контроли, законските измени и превентивните активности.

„Тие резултати ѝ даваат суштина на нашата кандидатура, затоа што успехот го мериме по намалувањето на опасното возење и тешките последици, а не по бројот на наплатени казни“, нагласи министерот.

Тој потсети дека во последните 15 години на македонските патишта животот го загубиле 2.131 лице, што ја потврдува неопходноста од континуирани и системски мерки за подобрување на сообраќајната безбедност.

Заблагодарувајќи им се на полициските службеници, правните и техничките тимови и на граѓаните за нивниот придонес, министерот порача дека меѓународното признание е дополнителен мотив за натамошно унапредување на системот, проширување на опфатот на ризичните локации и детектирање дополнителни опасни однесувања.

Како долгорочна цел ја посочи „Визија нула“ – сообраќај без загинати и тешко повредени лица, нагласувајќи дека безбедноста на патиштата бара постојани вложувања, подобра инфраструктура, едукација и одговорност од сите надлежни институции.

„Наградата е признание за завршената работа, но одговорноста за она што сè уште не е добро останува исклучиво наша. Додека постои и едно дете кое не може безбедно да премине улица, нашата работа не е завршена“, порача Тошковски.

Официјалното доделување на признанието е предвидено за 18 ноември 2026 година во Дубаи.