Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, предлага измена со која старосната граница за ослободување од плаќање на општинскиот дел од комуналиите за изградба на прв дом ќе се зголеми од 35 на 40 години, со цел да се помогне на младите да ја решат својата станбена потреба.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, предложи измена на постојната одлука на Советот на Општина Аеродром, со која старосната граница за ослободување од плаќање на општинскиот дел од комуналиите за изградба на прв дом ќе се зголеми од 35 на 40 години.
Предлогот доаѓа една година по донесувањето на првичната одлука, со која Општина Аеродром воведе ослободување од општинскиот дел од комуналиите за младите до 35 години. Во изминатиот период беа издадени одобренија за градење со целосно ослободување од општинскиот дел од комуналиите за оние граѓани што ги исполнуваат предвидените услови.
Со оглед на новата одлука на Град Скопје со која младите брачни парови до 40 години и самохраните родители се ослободуваат од градскиот дел од комуналиите, градоначалникот Митески предлага усогласување на општинската одлука, со цел да се овозможи поголема поддршка за младите што сакаат да го изградат својот прв дом на територијата на Општина Аеродром.
Со предложената измена, правото на ослободување од општинскиот дел од комуналиите ќе го имаат лицата до 40 години. На тој начин, заедно со ослободувањето од градскиот дел, ќе се создадат услови за целосно ослободување од комуналиите за оние млади што ги исполнуваат предвидените критериуми.
Важни услови за ослободување
Освен старосната граница, другите услови за остварување на ова право остануваат непроменети:
· Подносителот на барањето да има најмногу 40 години на денот на поднесување на барањето;
· Да биде жител на Општина Аеродром најмалку две години;
· Да гради, доградува или да надградува прв дом во своја сопственост;
· Објектот да биде наменет исклучиво за лични станбени потреби;
· Да достави комплетна техничка документација согласно со Законот за градење;
· Да приложи изјава дека објектот ќе го користи за сопствено домување најмалку десет години.
Следни чекори
Предложената измена се очекува да биде разгледана на првата наредна седница на Советот на Општина Аеродром, од чија поддршка ќе зависи нејзиното усвојување.
„Верувам дека ова е важна и конкретна мерка со која им помагаме на младите полесно да го решат станбеното прашање. Нашата цел е да создадеме услови младите да останат тука, да го изградат својот дом, да ги создаваат своите семејства и својата иднина да ја градат во Аеродром“, истакна градоначалникот Митески.












