По тестирањата во Москва и околината, првата серија од овие возови ќе сообраќа на Сахалин, остров во Тихиот Океан северно од Јапонија.
Во фабриката во Демихово е склопен првиот руски патнички воз на водороден погон. Возот може да помине повеќе од 700 километри користејќи само водород. Со вградените батерии, досегот може да достигне и до 740 километри.

Првата серија од овие возови ќе сообраќа на Сахалин, остров во Тихиот Океан северно од Јапонија. Наменети за неелектрифицирани железнички пруги, овие возови се првиот руски модел на нископодни патнички возови што користат водородни горивни ќелии.

Меѓуградските возови на водород ги проектира и произведува „Transmashholding“ (ТМХ), еден од најголемите руски производители на железнички возила и опрема за градски превоз. Компанијата соработува со Руските железници, „Rosatom“ и регионалната влада на Сахалин во развојот на возовите на водороден погон, врз основа на договор потпишан во 2019 година.

Тестирањето на првиот воз на водород треба да почне во ноември годинава. Динамичките испитувања во Москва и Московската област треба да започнат во 2027 година, по што возот кон средината на истата година ќе биде префрлен на Сахалин.

Возовите ќе се произведуваат во две конфигурации. Едната ќе има три патнички вагони и ќе може да помине до 700 километри, односно до 740 километри со помош на батеријата. Другата, исто така со три вагони, ќе има досег од близу 480 километри, односно 560 километри со помош на батериите.

Двете конфигурации ќе имаат посебен технички вагон во кој ќе биде сместен системот за водороден погон. Вагонот ќе биде опремен со сензори за мерење на концентрацијата на водород и за откривање пожар.

Се очекува возовите на водороден погон да влезат во редовен сообраќај до крајот на следната година, по испитувањата за сертификација предвидени за истата година. Првично ќе сообраќаат на островот Сахалин, каде што се гради и наменски центар за тестирање водородни технологии.

Во тек е и производството на втор систем со водородни горивни ќелии, како дел од поширокиот план за создавање заедничка платформа за следната генерација градски, приградски и меѓурегионални возови, наменети за железничка мрежа со ширина на колосекот од 1.520 милиметри.








