Американскиот актер Крис Прат на своите профили на социјалните мрежи откри дека првата филмска улога ја добил сосема случајно.
Во тој период работел како келнер на Хаваите, а улогата ја добил откако во ресторанот ѝ пришол на актерката и режисерка Ре Доун Чонг.
Имено актерот откри дека пред да се пробие во Холивуд, живеел во комбе на Хаваите и работел во ресторанот „Bubba Gump Shrimp Company“. Еден ден во ресторанот дошла Ре Доун Чонг.
„Ѝ пријдов на масата и ѝ реков: ’Еј, вие сте филмска ѕвезда! Што правите тука?‘“, напишал Прат.
Чонг го прашала дали знае да глуми, на што тој одговорил потврдно и ја замолил да го ангажира во некој филм. Кога му го побарала телефонскиот број, Прат ѝ го дал бројот на својот пријател Мајк, бидејќи немал сопствен телефон. Дури неколку дена подоцна, пријателот случајно му спомнал дека некој го барал. Прат сепак се јавил и сфатил дека Чонг навистина сака да дојде на аудиција.

„Ги прочитав сите 120 страници трипати по ред. Тоа беше првото сценарио што некогаш сум го прочитал“, се присети Прат.
На аудицијата дошол со молив со кој ги имал означено сите реплики и интонации, а Чонг веднаш му ја понудила улогата на ликот по име Девон. Филмот се снимал во Лос Анџелес, а Прат, како што вели, во тој момент имал околу 60 долари, торба со облека и ролерки. Чонг му ветила дека ќе му го плати авионскиот билет.

„Тогаш помислив дека животот засекогаш ми се променил. Ќе станам актер“, напиша Прат.
Објавата ја заврши со благодарност до режисерката која, како што вели, му дала шанса на едно момче од ресторан за морска храна.
Прат претходно, во јануари оваа година, во поткастот „Happy Sad Confused“, раскажал и дека колегите во ресторанот го викале Кристо. Причината била тоа што на неговата плочка со името Кристофер, со текот на времето се избришал последниот дел од името. Признал дека по пристигнувањето во Лос Анџелес сериозно размислувал тоа име да го користи како уметничко.










