Американски судија ја отфрли тужбата на Доналд Трамп против „Волстрит џурнал“, тешка 10 милијарди долари. Во своето образложение, тој наведе дека со оваа тужба „се обидуваат да измислат недостатоци“ во работата на весникот, пренесува Би-би-си.
Минатата година, Трамп поднесе тужба против Доу Џонс – сопственикот на весникот – и против првиот човек на компанијата, Руперт Мардок. Предмет на спорот беше објавувањето на честитка што Трамп наводно му ја испратил во 2003 година на Џефри Епстин, озлогласен сексуален престапник. Ова се случило пред Епстин да биде обвинет за сексуални злосторства.

Фото: US Justice Department
Написот беше објавен во летото 2025 година, во период кога администрацијата на Трамп беше на удар на критики од двете главни политички партии во САД поради обидите да се прикријат документи поврзани со Епстин. Трамп негира дека ја напишал или потпишал спорната честитка.
Судска одлука
Судијата Дарин Гејлс го отфрли случајот со образложение дека тужбата е во спротивност со Првиот амандман на Уставот на САД, кој ја штити слободата на печатот. Гејлс веќе еднаш ја имаше отфрлено оваа тужба за клевета, во која првично се бараше отштета од 20 милијарди долари. Правниот тим на Трамп потоа повторно ја поднесе тужбата со намалено барање, но овој пат судијата ја отфрли со трајна забрана за повторно покренување на постапката.
Во својата одлука на 20 страници, Гејлс ја истакна „темелната и внимателно спроведена истрага“ на весникот. Тој напиша дека правниот тим на Трамп не успеал да докаже оти тужените објавиле клеветнички изјави со „вистинска злонамерност“ (actual malice) – правен стандард што е неопходен во вакви случаи.












