„Додека ДПМНЕ со години ја експлоатира демографската катастрофа за политички маркетинг, Левица нуди прецизно законско решение кое директно ќе го олесни животот на младите семејства. Денес, на собраниска комисија, во прво читање ќе се разгледува нашиот Предлог-закон за семејна и станбена поддршка, со кој предлагаме државата да отпишува по 20% од главнината на станбениот кредит за секое родено или посвоено дете, со вкупна поддршка до 100.000 евра“, велат од партијата Левица.
„Конечно, демографската политика да добие вистинска финансиска содржина, наместо да остане пригодна тема за партиски говори и патетични апели.
Во држава во која станот станува луксуз, а задолжувањето на три децении речиси единствен начин за обезбедување покрив над глава, младите се принудени да го одложуваат создавањето семејство поради елементарна егзистенцијална несигурност.
Лицемерно и несериозно е што токму ДПМНЕ, која постојано алармира за празните училници, иселувањето и падот на наталитетот, досега за ваквата ситуација ги обвинува граѓаните и пред сѐ младите, а не понуди соодветен одговор на основното прашање: Како младите да создаваат семејства кога не можат да си дозволат сопствен дом?
Предлогот на Левица ја поставува државата во улога на вистински социјален партнер на семејството. Наместо јавните пари да се трошат на непродуктивни расходи, предлагаме тие да се вложуваат во долгорочна сигурност за младите и нивните деца. Законот е насочен кон решавање на првото станбено прашање, со јасни ограничувања против шпекулации и злоупотреби.
Домот треба да биде основа за достоинствен живот, а не доживотна финансиска казна за младите што одлучиле да останат во Македонија.
Денешната комисиска расправа ќе покаже колку навистина тежи декларативната загриженост на ДПМНЕ за македонската демографија. Патриотизмот не се мери со бројот на изговорени зборови за иднината на Македонија, туку со условите што им ги обезбедуваме на генерациите кои треба да ја градат!“, се наведува во соопштението на партијата Левица.








