Народна банка на Македонија го презеде управувањето со Алта банка АД Битола - неделниот лимит за плаќања ќе биде 10.000 денари

A1ON.MK

01/11/2026

17:36

735

Големина на фонт

а а а

Извршниот одбор на Народната банка денеска донел решение за воведување администрација во Алта банка а.д. Битола, соопшти попладнево гувернерот Трајко Славески. Тој појасни дека станува збор за привремена мерка, со која управувањето со банката во наредниот период ќе премине во надлежност на лица назначени од Народната банка.

Славески најави дека во следните денови ќе бидат воведени одредени ограничувања во плаќањата. Во период од една седмица, граѓаните ќе можат да вршат плаќања во вкупен износ до 10.000 денари. При утврдувањето на лимитот, како што посочи гувернерот, делумно се воделе од висината на просечната плата.

„Овие мерки се воведени со цел да се заштитат имотот и интересите на штедачите“, изјави Славески.


Според информациите што ги соопшти гувернерот, до вчера од банката биле повлечени околу два милиона евра. Тој информираше и дека постојат заинтересирани купувачи за акциите на банката.

Славески упати апел до сите учесници во јавната дебата да се воздржат од изјави што можат да предизвикаат вознемиреност, повикувајќи ги граѓаните кои имаат кредити во банката редовно да ги подмируваат своите обврски.

Оваа одлука следува откако Народната банка на Србија вчера ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка а.д. Белград.