Граѓаните ќе можат да пријават повреда на избирачкото право во подрачната канцеларија во Тетово или на телефон 044/344-082.
Народниот правобранител утре, на 1 ноември, ќе организира дежурство за прием на претставки за евентуални повреди на избирачкото право за време на вториот круг од предвремените избори за градоначалник на Брвеница.
Подрачната канцеларија во Тетово ќе биде отворена од 7 до 19 часот, односно во текот на гласањето. Граѓаните ќе можат да се обратат лично или на телефонскиот број 044/344-082, се наведува во соопштението што го пренесоа Сител и МКД.мк.

Дежурството е организирано за изборите во Брвеница. Фото: МРТ
Од институцијата најавуваат преземање итни мерки за надлежните органи во изборниот процес и другите институции ефикасно да постапуваат во заштита на правата на граѓаните.
Правобранителот потсетува дека избирачкото право е уставно загарантирано и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Никој не смее да биде повикан на одговорност поради остварување на ова право, се нагласува во соопштението.
Повредата на слободата на определување на избирачите и другите повреди на избирачкото право се казниви дела, потсетуваат од институцијата.








