Стојанчо Радичевски, кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Брвеница, повикува на единство и заедничка одговорност без разлика на етничка и политичка припадност, со цел развој и подобрување на животните услови во општината.
„Овој поглед ме прави горд и ми дава дополнителна сила да продолжиме да ја негуваме и да ја сочуваме силата на единството. Кога ве гледам пред мене сите сплотени и обединети е порака дека Брвеница сака развој, напредок и подобри услови за живот. Таа е и обврска резултатите да продолжат, а и доверба што треба да ја оправдаме со конкретни дела“, рече кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Брвеница, Стојанчо Радичевски на денешниот завршен митинг пред вториот круг од локалните избори кои ќе се одржат во недела на први ноември.
„Вечерва ви се обраќам како ваш пријател, познаник и сосед, како човек кој ја сака Брвеница и сака нашата општина да биде успешна. Во изминатиот период со многумина од вас ја споделив својата визија за иднината на општината, секој разговор, секоја средба, секоја искажана потреба се одговорност, а таа одговорност бара посветеност, присуства на терен и конкретна работа. Во наредните години, пред нас се важни предизвици, тоа се проблеми со водоснабдувањето, локални патишта, зимско одржување, условите во училиштата и можностите за младите. Сите овие прашања бараат сериозен пристап, планирање и решенија што ќе го подобрат секојдневието на граѓаните“, истакна Радичевски.
Тој упати порака дека Брвеница не припаѓа ниту на една партија, ниту на една етничка заедница, туку припаѓа на сите граѓани од Брвеница до Челопек без разлика на етничката, верската или политичката припадност.
„Сакам да бидам јасен, оваа општина не припаѓа на една партија, ниту на една етничка заедница. Брвеница е на сите што живеат овде во Брвеница, Седларце, Стенче, Волковија, Блаце, Милетино, Радиовце, Челопек и Гургурница, на сите без исклучок. Никој не треба да биде исклучен, потценет или заборавен, ќе продолжиме да живееме едни покрај други, да ги споделуваме истите предизвици и да работиме за подобра иднина. Нашето заедништво е вредност што треба да го чуваме. Брвеница има потреба од дијалог, меѓусебна почит и заедничка одговорност. Македонци, Албанци, Турци и припадници на сите други заедници треба да имаат еднакви можности, достоинствени услови за живот и перспектива на своите семејства. Нашата визија треба да биде насочена кон иднината, кон развојот, кон конкретни резултати. Развојот на општината не смее да познава поделби. Секое населено место заслужува внимание, секој граѓанин заслужува почит, а секоја добра идеја заслужува поддршка“, потенцираше Радичевски.
Радичевски истакна дека можностите за младите, квалитетно образование, подобра инфраструктура и создавањето на услови за економски развој се приоритетите што бараат долгорочна посветеност, затоа што младите треба да имаат можност да ја градат својата иднина покрај своите родители и покрај своето семејство и на своето огниште, да имаат можност да работат, да создаваат, да ги градат своите домови во општината во која пораснале.
Една Брвенца за сите, додаде Радичевски, е визија на долгорочен и рамномерен развој, тоа е идејата што ги опфаќа сите населени места, сите генерации и сите граѓани, зошто Брвеница има потреба од заедничка одговорност, соработка и конкретни проекти што ќе донесат подобар живот и нашата иднина ќе ја градиме со јасни приоритети, со посветеност и со почит кон секој човек.
„За нашата општина, за нашите деца и за нашите идни генерации, во недела ве повикувам да ја продолжиме идејата за една Брвеница за сите, да гласаме за бројот 1, да ја заокружиме заедничката победа, да ја сочуваме силата на единството. Една Брвеница за сите“, повика на крај кандидатот за градоначалник, Стојанчо Радичевски.
















