Расте загриженоста за холивудската легенда, никој не го видел со месеци: „Исчезна“

Точка

29/10/2026

18:31

848

Големина на фонт

а а а

Кога зборуваме за холивудските легенди, меѓу најголемите несомнено се вбројува Џек Николсон. Славниот актер зад себе има повеќе од 70 филмски улоги, вклучувајќи ги и оние во филмовите „Сјаење“, „Лет над кукавичкото гнездо“ и „Љубовта нема правила“, како и 12 номинации и три освоени Оскари.

Меѓутоа, по повеќе од пет децении во центарот на вниманието на јавноста, кон крајот на 2000-тите години, Николсон целосно се повлече од јавниот живот. Веќе со години не се знае каде е, со што се занимава и дали постои можност некогаш повторно да се врати на филмското платно.

Минатата година се појави надеж кога американскиот режисер и сценарист Џејмс Л. Брукс изјави дека Џек би можел да се врати на актерската професија. Инаку, Брукс соработувал со Николсон на неговиот последен филм, романтичната комедија „Како знаеш дека е љубов“ од 2010 година.

Меѓутоа, секоја трошка надеж згасна оваа недела, откако пријателот на Николсон, Мајкл Даглас, откри дека актерот никогаш повеќе нема да се појави пред камерите.

„Тој повеќе не работи. Добро е. Исчезна од јавноста. Тоа го знам“, изјави Даглас.

Откако се повлече од јавноста, без официјално да го најави своето пензионирање, актерот се оддалечи од светлината на рефлекторите и престана да дава интервјуа.


Сепак, минатата година ги изненади обожавателите кога се појави во публиката за време на снимањето на специјалната емисија по повод 50-годишнината од шоуто „Сатердеј Најт Лајв“.

Иако многумина беа воодушевени што повторно го видоа, некои се загрижија бидејќи изгледаше прилично изнемоштено.

Извори блиски до актерот сега тврдат дека тој го поминува своето време во вилата на Беверли Хилс и дека речиси никогаш не излегува. Неговите пријатели неодамна изразиле страв дека Николсон „ќе умре како осаменик“, откако „водел толку исполнет и динамичен живот“.


Кариерата на Николсон нагло заврши по неговата улога во филмот „Како знаеш дека е љубов“. По премиерата, тој се повлекол од јавноста и не се огласувал сè до 2013 година.

Таа година, извори тврделе дека актерот се пензионира поради „губење на меморијата“.

„Зад неговата одлука стои едноставна причина – станува збор за губење на меморијата. Искрено кажано, на 76-годишна возраст, Џек има проблеми со помнењето и повеќе не може да го запомни текстот што се бара од него“, изјавил извор за „Радар онлајн“.


Меѓутоа, неколку месеци подоцна, актерот ги демантирал овие тврдења, наведувајќи дека неговиот „математички ум“ е остар како и секогаш. Тој истакнал дека повеќе нема толкава желба „да биде присутен во јавноста“, бидејќи сака да снима исклучиво филмови што „се занимаваат со емоции“.

„Ми падна на памет застрашувачката помисла дека луѓето во своите дваесетти и триесетти години можеби повеќе воопшто не сакаат филмовите емотивно да ги допрат. Можеби само сакаат да гледаат повеќе бомби, повеќе експлозии, бидејќи со тоа пораснале. А јас никогаш нема да снимам такви филмови“, раскажал тој.

Додал и дека шпекулациите за неговото пензионирање се „сто отсто неточни“ и дека „активно чита сценарија и со нетрпение го очекува својот следен проект“.


Николсон во 2015 година се врати на малите екрани, по петгодишна пауза, за да одржи говор за време на прославата на 40-годишнината од шоуто „Сатердеј Најт Лајв“.

Меѓутоа, сè до 2017 година не бил поврзуван со нови филмски проекти, кога се појавија информации дека добил улога во новата верзија на филмот „Тони Ердман“, заедно со Кристен Виг. Сепак, тој филм никогаш не бил снимен.

Набргу потоа, неговиот колега од филмот „Голи во седлото“, Питер Фонда, рекол дека „мисли дека Николсон всушност е во пензија“.

„Не сакам да зборувам во негово име, но тој работеше многу и финансиски е во многу добра состојба. Понекогаш луѓето имаат причини за кои вие не знаете, а не е мое да прашувам“, изјавил тој.


Три години по неуспешниот проект, режисерот Мајк Фланаган го објави продолжението на филмот „Сјаење“, насловено „Доктор Слип“, и откри дека Џек одбил да се појави во него.

Во 2021 година, „Радар онлајн“ објави дека актерот наводно боледува од деменција, повикувајќи се на извори кои тврделе дека ги поминува своите „тажни последни денови“ во својот дом на Беверли Хилс.

„Џек и јас сме пријатели со години, а тој повеќе не излегува од дома... Мислам дека сега за него се грижат неговиот син и ќерка. Физички е добро, но умот го изневерил. Навистина е тажно да се гледа како еден толку исклучително талентиран актер, како Џек, завршува на ваков начин“, изјавил изворот.


Меѓутоа, еден месец подоцна, во октомври 2021 година, Џек бил снимен на натпревар на Лос Анџелес Лејкерс.

Во последно време, наводно, долгогодишните пријатели на холивудската легенда станале загрижени поради неговото сè поизразено повлекување од јавноста.

„Тој јасно стави до знаење дека неговиот дом е неговата тврдина. Но, луѓето само би сакале да излезе од дома и накратко да се појави во јавноста – или барем да ги увери дека е добро. Деновите кога се дружеше со другите се минато. Загрижени сме дека би можел да умре како осаменик, откако водеше толку исполнет и динамичен живот. Децата го посетуваат, но тие се неговата единствена врска со надворешниот свет. Изгледа како повеќе да не сака да се соочи со реалноста – а тоа е едноставно тажно“, изјавил еден извор претходно оваа недела.


Во јули минатата година, за актерот проговорил и Дени Девито, кој изјавил дека оскаровецот е „одлично“.

„Го видов Џек пред само неколку недели – пред еден месец му беше роденденот и тој е одлично“, изјавил актерот за „Пипл“.

Редок увид во животот на актерот минатата година, во декември, овозможи и неговата ќерка Лорејн Николсон, која сподели фотографија со својот татко и братот Реј.


Николсон ги добил Реј и Лорејн за време на петгодишната врска со актерката Ребека Брусар. Наводно, во приватноста го признал 56-годишниот Кејлеб Годард за свој син, по кратката врска со Сузан Анспах, неговата колешка од филмот „Пет лесни парчиња“. Анспах го одгледала синот заедно со својот поранешен сопруг Марк Годард.

Џек ја добил и ќерката Теса со келнерката Џенин Гурин, но никогаш јавно не признал дека е нејзин татко.

Исто така, ја добил ќерката Хани со данската манекенка Вини, додека најстарата ќерка, Џенифер, ја добил за време на шестгодишниот брак со Сандра Најт.