Приказната за пријателството меѓу Дуле и Коки е една од оние што оставија длабока трага на македонската музичка сцена. Дуото стекна огромна популарност, особено во 1996 година, кога публиката ја засака нивната песна „Виолина и гитара“.
Зад музичките успеси, Душан Љубисављевиќ – Дуле и Никола Јанков – Коки имаа блиско пријателство кое не завршуваше со настапите на сцената. За нивната поврзаност, но и за тешките моменти низ кои поминале, Коки отворено зборуваше во поткастот со Давид Давидовски.
„Ние бевме ептен како браќа“ – рече Коки, потсетувајќи се на годините поминати заедно, на личните предизвици, разводот и концертот што е закажан за 14 ноември во Македонската филхармонија.
Во разговорот неизбежно се отвори и темата за прераната смрт на Дуле, како и за проблемите со кои се соочувал во животот.
„Знаеме дека Дуле почина од цироза на црн дроб“ – му рече Давид во емисијата, а Коки додаде: „Може да се каже“. Потоа, Давид го праша Коки: „Беше алкохоличар?“.
Одговарајќи на прашањето, Коки зборуваше за проблемот со алкохолот, но и за личните околности што можат да влијаат врз животот на секој човек.
„Имаше проблем со алкохолот... Немаше некој поголем проблем, но секој си знае од каде потекнува, од која фамилија. Сите ние влечеме некакви трауми, некој поголеми, некој помали. Директно, никогаш не сме зборувале ние за тоа, ама можам само да претпоставувам“ – одговори тој.
Коки се присети и на ситуации во кои Дуле имал тешкотии да си замине од кафеана, па морал да му помогне да излезе. Сепак, она што особено го нагласи беше љубовта што луѓето ја чувствувале кон неговиот пријател. Според него, Дуле можеби никогаш целосно не сфатил колку многу значел за публиката и за оние што го опкружувале.
„Многу го сакавме, не само ние најблиските, туку цела Македонија го сакаше. Тој најверојатно тоа не можеше да го разбере, колку беше сакан“ – рече тој.

Последната средба што не се случила
Коки откри и дека со Дуле не се виделе во последните два до три месеци пред неговата смрт. Иако планирал да го посети во болница, веста за неговото заминување го затекнала токму кога се подготвувал да тргне.
„Вистина е. Тој викенд беше во болница и си рековме ајде понеделник ќе одиме да го видиме, се договаравме со другар од Штип. И баш сабајлето кога тргнавме, ми се јавија неговите и ми викаат толку е.
Се потресовме сите. Јас не верував во тоа... Шок, јас мислев дека ќе се излечи. Станаа толку комплицирани работите, што тогаш сè се распаѓаше... Ептен бевме ние браќа“ – рече тој.
Нивната блискост започнала уште од детските денови, а музиката била само еден од начините на кои ја одржувале својата поврзаност. Со текот на годините научиле да ги прифаќаат разликите во карактерите и да функционираат како тандем, и на сцената и надвор од неа.
Коки се осврна и на една своја претходна изјава со која ја опишал нивната динамика: „Дуле беше огнот, а јас знаев како да повлечам рачна“.
Запрашан дали навистина така функционирале, тој потврди дека нивните различни темпераменти биле дел од она што ги правело успешни заедно.
„Тоа е вистина. Тоа е карактерот, тоа е способноста да привлекува. Понекогаш импулсот знаеше да биде и повисок. Но, ние се знаевме од деца и за тоа да функционира, мораше да има моменти каде што за огнот и водата да функционираат заедно, мораше да се повлече и рачна“ – рече тој.
Со своето сведоштво, Коки уште еднаш потсети дека зад музичките хитови и јавните настапи се криела многу подлабока приказна – пријателство што траело со децении, исполнето со заеднички успеси, лични борби и спомени што остануваат и по загубата на блискиот човек.










