Прекрасна љубовна приказна го разнежни светот: Со месеци испирал злато од реките за да направи свршенички прстен за девојката

Точка

27/10/2026

13:51

696

Големина на фонт

а а а

Маж од Колорадо со месеци собирал ситни честички злато од реките за да направи уникатен свршенички прстен за својата долгогодишна девојка, а неговото несекојдневно запросување предизвикало силни емоции.

Џек Вулкани од Колорадо во Соединетите Американски Држави поминал месеци испирајќи злато од неколку реки за да направи свршенички прстен за својата долгогодишна девојка Џоана.

Кога почнал да размислува за запросувањето, му дошла необична идеја – самиот да го собере златото од кое ќе биде направен прстенот, пишува списанието „People“.

„Седнав и долго размислував за тоа, а потоа едноставно ми светна идеја: ’Што ако сам направам прстен?‘ Помислив дека тоа би било совршено“, раскажал Џек за локалната телевизија „9News“.


Со месеци собирал злато од реките

Џек со месеци ги обиколувал реките во Колорадо и испирал злато, обидувајќи се да собере доволно ситни честички од благородниот метал за изработка на прстенот.

Признал дека целиот потфат на почетокот му изгледал речиси невозможен, но тоа не го обесхрабрило.

„Помислив: ’Ова ќе трае цела вечност‘, но поради некоја причина тоа уште повеќе ме мотивираше“, рекол тој.

Кога конечно собрал доволно злато, му го однел на златарот Зак Ален од Вит Риџ и го прашал дали би можел од тој материјал да направи прстен.

„Веднаш се возбудив бидејќи помислив: ’Па, ова е нешто ново!‘“, се присетил златарот.

Ален пронашол соодветен калап, го истопил собраното злато и го излеал во прстен.

„Беше навистина неверојатно да се види дека сè успеа. Бев пресреќен и возбуден“, раскажал Џек.


Девојката заплакала кога сфатила што направил

Кога прстенот бил готов, Џек почнал да го подготвува изненадувањето за својата девојка.

Ја одвел Џоана на планинарење и ѝ покажал снимка на која се гледа како испира злато покрај река.

Џоана признала дека на почетокот не ѝ било јасно зошто ѝ го покажува тоа видео.

„Гледав снимка на која испира злато и помислив: ’Ова е слатко, но не разбирам зошто го гледаме токму сега.‘ А потоа, некаде на половина од снимката, сфатив: ’Па, ова е процесот на изработка на прстенот!‘ И само почнав да плачам“, раскажала таа.

Додала дека од возбуда едвај се сеќава на одредени моменти од запросувањето.

„За миг сè ми се замагли, но беше навистина посебно“, рекла Џоана.


Џек објаснил дека го вложил целиот труд само затоа што сакал да ја израдува својата партнерка.

„Само сакав да ѝ го разубавам денот“, рекол тој.

За Џоана, неговиот гест бил уште една потврда дека го избрала вистинскиот партнер.

„Знам дека сум со вистинскиот човек“, порачала таа.

Џек открил и дека му останало доволно злато за да направи бурма за себе, па идните сопружници ќе носат прстени изработени од златото што тој лично го собрал.

„Без оглед колку сме оддалечени, дури и кога сме на работа, доволно е да погледнам во својата рака и да знам дека она што го носиме на прстите и натаму нè поврзува“, заклучил Џек.